Беким Мемети се уште недостапен на МВР по спектакуларното бегство од затворското комбе, ама доби кривични

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Беким Мемети (37) од Тетово кој со помош на чувари од затворот „Идризово“ избега од затворското комбе при негов транспорт во болница.

Тетовецот се товари за сторени кривични дела „убиство во обид” и „бегство на лице лишено од слобода”.

-На 12.01.2023 на автопатот „Пријателство”, додека бил вршен спровод на пријавениот, осудено лице, од Казнено-поправната установа Идризово до Комплексот клиники „Мајка Тереза” Скопје, тој одзел службен пиштол од вработен во затворската полиција и испукал еден проектил, со кој го ранил. Притоа, службеното возило застанало, а пријавениот излегол од возилото и влегол во патничко возило „ауди” без регистарски ознаки и заминал, велат од МВР.

Мемети е во бегство, а во тек е кривична процедура против командирот и тројцата полицајци вработени во КПУ „Идризово“ кои се осомничени дека му помогнале на Мемети да избега. Тој е осуден на затворска казна за убиство која во Идризово требало да ја отслужува до 2040 година.
Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, четворицата чувари не ги испочитувале процедурите за спровод на осуденикот.

„Осомничените, по претходни насоки на првоосомничениот- командир, како службени лица, со умисла, преземајќи и непреземајќи дејствијата што биле должни да ги преземат му помогнале и му овозможиле на осуденикот Беким Мемети да избега. Притоа ги повредиле сите процедури за спровод на осуденик кој издржува затворска казна за потешко кривично дело до здравствена установа. Па така, откако осуденикот се самоповредил расекувајќи ја левата дланка и бил преврзан во домската амбуланта, не побарале лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место, туку по препорака на осудено лице, работно ангажирано во амбулантата, пристапиле кон дејствија самоиницијативно да го однесат повредениот во Ургентен центар. Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа“, велат од Обвинителството.

Затвореникот Беким Мемети се самоповредил. Командирот наредил спровод, а Мемети бил сместен да седи заедно со полицајците во комбето, иако тоа е спротивно на процедурите и правилата .

„Како што е веќе познато, осудениот Беким Мемети откако на ден 12.01.2023 година во ноќните часови се самоповредил, првоосомничениот – дежурен командир наредил кои затворски полицајци треба да го спроведат осуденикот во здравствена установа и кој каде да седи при спроводот. Па така, надвор од правилата, осуденикот бил сместен во средишниот дел на возилото. Второосомничениот дал насока за рутата и возилото се упатило кон Скопје преку автопатот од Петровец кон Скопје. Кога се приближиле до бензинска пумпа на Лукоил, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола. Третоосомничениот, кој патем бил без оружје, иако сето тоа го следел не презел никакво дејствие за да го спречи осуденикот да го репетира пиштолот и да започне да пука низ возилото барајќи да го сопрат возилото, при што го повредил возачот и возилото застанало, а осуденикот ја отворил вратата, излегол од комбето и се качил во сиво Ауди кое во меѓувреме застанало пред затворското комбе“, додаваат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Обвинителката Лиле Стефанова предложила мерки на претпазливост, кои и биле прифатени, а поради опасност од бегство.

Треба да знаете
Последни објави