Интегрален текст од говор на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Градот на конзулите, градот под преубавиот Пелистер, македонскиот град на непокорот и вечната пркост. Добро вечер за секој еден кој вечерва е со нас, но и добро вечер за оние кои не следат од своите домови, а чии мисли и грижи се подеднакво исти со нашите.
И секој еден кој го слуша овој збор во себе чувствува грутка во срцето, му тежи камен на плеќите кога гледа како работите кои му се важни, неговите соништа за иднината му се оддалечуваат поради тешкото бреме.
Луѓе кои имаат потреба за сигурност и стабилност која ја немаат, лутината поради кој мотивираните да успеат стануваат неуспешни, не затоа што тие не се квалитетни туку затоа што системот ги направил таков. Луѓе чии семејствата се раслојуваат, си заминуваат во потрага по се она што тука не може повеќе да го најдат, сигурност, среќа, иднина.
Се повеќе горди и достоинствени луѓе кои се со наведната глава затоа што денешното време на мака, страдања, системот во распаѓање им кажува дека Македонија која е нивна, е одземена од една каста, една клика составена од малкумина обединети не по идеологија, или вредности, туку по неспособност, желба за крадење и лични кариери. Луѓе кои сметаат дека го имаат природното право само бидејќи се таму каде што се да управуваат со туѓи судбини, да водат битки со туѓи синови и ќерки, и на секоја наша заедничка загуба тие, сите заедно, да имаат добивка.
Тие мислат дека имаат право на се, но тоа право не е природно стекнато, туку присвоено, отуѓено, украдено и затоа сум тука во Битола, да им порачам на таа клика, на таа каста дека Македонија не е само нивна, таа е и моја, многу повеќе наша заедничка, на напатениот и горд народ чија самодоверба ја рушат, ја уриваат секоја надеж, за да може полесно да владеат. И затоа, треба добро да знаат
Ова е Македонија,
Ова е Македонија за сите,
Македонија на секој еден човек, моја, ваша, единствена. И дека за Македонија и сите нејзини луѓе ќе ја промениме оваа власт, и дека ќе победиме. И таа победа ќе биде за секој еден човек кој го потурнуваат настрана, кој го обесправуваат.
Таа победа ќе значи испорачување на порака од народот до кастата на власт составена од еден главен изведувач, а тоа е Демократската Унија за Интеграција, и подизведувачот, помалиот коалиционен партнер, а тоа е СДСМ и неколку негови чираци.
И да, ќе има одговорност за секој криминал, за секоја неправда, за секоја солза на македонската мајка, нејзино чедо и работник на чиј грб тие печалат пари. Нема да се смирам додека не го вратат украденото и додека не одговараат пред законите.
Не само победа над нив, туку и одговорност! Мора да има одговорност!
Драги пријатели, браќа и сестри,
Драги пријатели,
Четврти мај е денот кога завршува животот на еден од најголемите македонски синови Гоце Делчев. Човек кој целиот свој живот го посветил за слободна Македонија. Чиј култ поради неговото дело и херојски подвик останало да биде славено повеќе од еден век потоа.
Сите народи во светот своите темели ги ѕидаа со камењата на жртвите за слобода и независност и со песокот на илјадниците срца кои чукаа за своја држава, Македонскиот народ, како ретко кој други народи во светот тие темели ги поливаше со својата крв и страдања. Затоа темелите на денешната наша држава се и гоцеви, затоа што освен со неговиот живот и борба, тој стана синоним и за илјадници други животи и борби кои беа дадени за истата цел, а таа цел беше слободна Македонија.
„Во жртвата нема степен, таа завршува со чест и име”, велеше Делчев. На денешен ден неговиот живот запира, но неговото дело на борба, жртва и кауза продолжува и денес. Затоа што слободата не се добива еднаш за секогаш, таа се брани, таа се потврдува, таа се живее, преживува, и за нејзе вреди секоја жртва и труд. И затоа Гоце е голем, и затоа сите го посакуваат. Зошто неговата борба беше чиста и светла.
Е токму по тие гоцеви темели и денес се удира и не е тоа случајно, затоа што тие за нас се свети, а кога ќе ви го бараат најсветото тоа е и најскапото. И ние тука ја знаеме неразумната и непринципиелна политика на бугарската страна, но таа ќе останеше без ефект доколку не беше сервилноста на македонската влада. Мене неразумноста на Софија не ме загрижува, туку сервилноста на Македонската влада и сега наместо да изградевме консензус како заеднички да ги браниме тие темели тие уште пожестоко и силно удираат и распродаваат. Македонската дипломатија не постои и се сведува на трка на поединци со желба за амбасадори каде поважно е чива суета ќе се погали, наместо некој државен проблем да се реши.
Таму во МНР се прават лични аранжмани, но не и дипломатија. Затоа се и поразите и срамовите.
Треба да знаат дека попуштање нема да има ниту милиметар од страна на ВМРО-ДПМНЕ и дека уставните измени нема да им поминат нема да има уставни измени под бугарски диктат и во овој состав на Парламентот. Ќе конструираат судски пресуди и судски случаи против раководството на ВМРО-ДПМНЕ и против ВМРО-ДПМНЕ затоа што знаат дека тоа е бедемот. Затоа што знаат дека тоа е браникот на македонскиот национален интерес јас можам од овде од Битола да им порачам тој е толку цврст што ќе ве надживее вас ќе ве порази а после поразот ќе има одговорност и ќе ве пратиме наместо во Париз амбасадори во Идризово. Таму ве чекаат.
Затоа се притисоците, бидејќи од власта земале обврски во име на народот кој не можат да ги испорачаат. Ние драги пријатели браќа и сестри како ВМРО-ДПМНЕ се опкружуваме со народот, а тој јасно кажува што сака. Тие во удобните фотелји, и персиските килими, зад ѕидините на канцелариите скриени од народот, ние меѓу народот. Меѓу господарот на оваа наша напатена Македонија.
И тука се поставува прашањето зошто толку антидржавно се однесува актуелната власт, каде лежи причината за ваквиот срам, ваквите ѕидови кои се поставуваат меѓу народот, ваквото одземање на заедничката иднина. Одговорот драги браќа и сестри лежи во мотивите на една срамна епизода актуелна овие денови каде најдобро може да се види кражбата и криминалот, тоа е договорот за градба на делниците кои што се дел од Коридорите 8 и 10Д. Да напоменам и да потенцирам.
ВМРО-ДПМНЕ не е против градење, но е против крадење, а разликата е огромна. Она што го кажуваа за епски проект се претвора во епски криминал. Аванси и пенали од стотици милиони евра а шајка не е закована, лопата не е вдената. Кажуваат дека џебовите на власта се полнат од овие пенали и аванси кои што се исплаќаат. додека џебовите на граѓаните се празнат. Не сакам да генерализирам, но суровата реалност наметнува прашања со повеќе од стотици милиони евра за аванси и пенали од Ковачевски и Груби за приватниот изведувач колку само трикафти за болните од цистична фиброза ќе се набавеа, колку само клинички центри ќе се изградеа, колку само градинки и училишта ќе се направеа, колку човечки живото ќе се спасеа.
Дури и кога приватната компанија ништо не направи тие заработуваат, им даваат државни пари, за да заработат. И сето ова го кријат од јавноста и не го покажуваат договорот затоа што во него многу јасно се гледа дека владата ја ставила државата во подредена позиција. Не знаат веќе како да излажат, та сме биле против Америка, против градење, та сега викаат дека сме ги мразеле многу, Како дечиња во градинка се однесуваат зошто лоповите пред јавноста се фатени голи и овој срам не се издржува.
И еве имам една јавна понуда до Димитар Ковачевски, самите велат дека се транспаренти, а бидејќи јавноста заслужува одговори, заслужува да знае како се трошат милијардите на народот, ајде да излеземе на дуел, бегаш од избори, бегаш од соочувања на различни теми, ајде да излеземе на дуел, јас и ти очи во очи и на тој медиум кој тој ќе го одбере, јавно да се соочиме само за овој договор. Еве нема да збориме за дебаклите во другите области. Само да зборуваме за договорот со кој на народот му се одземаат милијарди евра, да дебатираме за историскиот договор или да бидам попрецизен за историска пљачка. Ако одбие јасно е дека бега, како и впрочем и досега како што бега вие година и неколку месеци откако е поставен за премиер, и тоа би било кукавички начин, без одговори ниту кон своите политички соперници, ниту пак кон јавноста. Затоа, ако работеле чесно, ако имаат чесен квалитетен договор кој нуди иднина, ќе се појави на дуел. Очекувам одговор во најскоро време, јас и тој да излеземе на мегдан, на ТВ станица во време и ден кога нему му одговара, а јас ќе дојдам таму, само нека каже еден ден однапред и ете ме мене заедно со Димитар Ковачевски очи во очи, без одложување. Народот сам нека процени кој е крадецот, а кој е кочничарот, ама на крадецот на тој што лаже му се кратки нозете, а и срцето му е мало и не очекувам одговор од кукавица.
Драги браќа и сестри,
Овие денови 200 луѓе од партијата посетуваат над 700 села. Луѓето срдечно не примаат, очекуваат и добиваат надеж дека може поинаку и подобро. И нормално имаат прашања и дилеми. На почетокот од овој говор го чув и Димче Шеровски од Горно Оризари. Тој вели ја изгласавме независноста на Македонија, тоа беше нашиот сон за кој се боревме. Замислете своја држава, свои институции, знаме, химна, ама тој сон го бришат и за нашите поколенија. Дипломатијата е на нула, одат надвор, а работат за други држави. Име кога ќе ти сменат како глава да ти исечат. И Димче како многумина тука си викаат кое е решението. Почетокот на решението на оваа дилема и на многу други е да падне оваа влада која донесе толку многу порази, обезличувања и неуспеси. Мора да има промени за да работите се менуваат од корен. За да се зацврснат разнишаните темели. Крајот на злоупотребите на власта ќе значи нов почеток за сите граѓани. Решението за крајот на поразите е во новата влада која ќе му припаѓа на народот, која ќе постави црвени линии за сите прашања важни за нашата Македонија. Која ќе има јасна позиција за што може, а што не моме да се преговара. Влада која нема да биде уцената, која нема да донесе хипотеки кои потоа ќе создаваат обврски. Ако прашањето е дали може ЕУ и дали може сочуван идентитет и без порази, одговорот е дека мораме да го сочуваме идентитетот и дека можеме да ги убедиме нашите пријатели дека верувајќи во принципите за меѓусебно почитување Македонија го заслужува европскиот пат. Но најважно е да работиме да ја зајакнеме економијата, да ги воведеме стандардите дома.
Ќе ставиме крај не само и на поразите во дипломатијата, туку и на корупцијата во судството. Погледнете како си се има обезбедено во кликата. Си носат порази и преземаат обврски кои не може да ги испорачаат. Зад таа завеса прават криминал кое судството и обвинителството не ги казнува. Тој магичен круг кој е заокружен се вика мафија. И сега оние превирања во судството и обвинителството е всушност борба на фракции и внатрешно незадоволство од истиот колач кој го делат. Затоа е потребна катарза, проветрување кое ќе ги однесе корумпираните на заслужено место и ќе им даде шанса на чесните и професионалците. Судството не треба да биде нечија партиска армија, туку заштитник на правдата, колку и таа да е болна, и колку да е непријатна.
Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата! – се првите зборови на нашата химна, но и зборовите на голема надеж, голем сон и иднина каква сакавме да имаме и епизодата по која копнеевме, а сè помалку гледаме дека ја добиваме овие 32 години од независното постоење на нашата татковина.
Денес од таа Македонија за која сонувавме сме подалеку од тогаш кога ја создававме. Се изгуби таа енергија, се загуби тој копнеж. Луѓето се отуѓија, им се одзема правото на колективното сонување, правото на заедничка среќа.
Кога една нација нема сон, знајте дека веќе е одземено правото да се борите за иднината во која сте верувале. И таа нација не е среќна, туку длабоко разочарана, апатична, со чувство дека е отфрлена од синовите и ќерките кои требало да донесат надеж и среќа, а донеле беда, разочарување и кражба на колективната радост. Затоа е и разочарувањето кон политичарите, и затоа е чувството дека сите се исти, па колку и ние, помеѓу себе, да сме различни.
И работите никогаш не биле толку драматични како во последните 6 години кога немаме само лошо владеење, не самоуправување кое е навреда на интелигенцијата на народот, туку масовен удар, масовен удар по нашето постоење, рекомпонирање на погрешни и ново создадени основи кои никогаш не биле дел од нашиот код, од нашиот македонски идентитет. И кога крадците не само на државното богатство, туку и на колективната среќа ни велат дека нè спасуваат за да ни донесат иднина, треба да знаете дека тоа се миговите кога најмногу и најсилно нè предаваат и миговите кога Македонија се уништува повеќе од кога да било порано.
Колку и да го прикажуваат тоа како некакво си спасување за некаква иднина каква немаме почувствувано ниту секунда, вистината говори дека Македонија ја губиме на рати, полека и болно пред нашите очи.
Македонците премногу губат овие 32 години независност. Дел по дел поради луѓето што ја злоупотребуваат вашата доверба толку многу години, се создава чувство на неправда, на постојани откажувања, без да им е возвратено со нешто добро.
Неспособност и загрижувачка леснотија на уништување на сè што досега е направено, но и крадење не само на нашата држава, институции, министерства, претпријатија туку и крадење на сонот, иднината и правото да се бориме за заедничката среќа.
Нам, апатијата ни ја произведуваат да се откажеме од борбата, за полесно да им поминува богатењето на грбот на народот.
6 години е кулминацијата на сите несреќи на сите луѓе во оваа наша Македонија.
И не се само предавствата со договорите кои се болното наследство и дивото месо кое ја гуши нашата нација или идеолошкото декомпонирање на нашите традиции и темели каде сè што е поврзано со македонското постоење, морал и семејство е отфрлено како ретроградно, туку и хавариите во сите други области кои ја фрлаат на колена нашата нација.
А, несреќата не познава ниту вера или припадност кон нација, туку таа е колективна и заедничка.
10.000 загубени човечки животи од КОВИД, тоа е цел еден град кој престанал да постои.
Изгорена КОВИД болница, автобуска несреќа која покажува дека системот не само што не функционира, туку и престанува да постои во одредени моменти. Милионски отштети за клинички центар кој не само што не го изградија туку и наследениот не го отпочнаа.
Автопатиштата кои ги заглавија и од кои дебело печалат. Црни тендери кои завршуваат во приватни џебови. Премиер и министри со семејства кои се бизнисмени и сиромашен и гладен народ. Инфлација која силно удира по стандардот и сè повеќе граѓани кои се сиромашни. Колективна сиромаштија за сметка на нивната индивидуална среќа со нашите пари.
Иселување кое одново го згаснува животот во нови домови, нови градови.
И кога ќе ви речат воздржете се и вкусете уште една голема кнедла, уште едно ново само порекнување, останете неми на уште едно големо предавство на своето постоење, треба да знаете две работи: дека тоа не е последното што го подготвуваат и дека среќата и сонот што го ветуваат нема никогаш да дојдат со овие луѓе.
Обландата дека се европски ориентирани е само завесата со која се покриваат за да им поминуваат криминалот и предавствата.
Нивната среќа за народот значи несреќа.
Нивните пари за народот значат празни џебови.
Власта е готова, и единственото бегство од соочување со правдата и народот, им е се функциите како место кое им нуди засолниште од народот. Но тоа можеби им купува време, но нема никогаш да ги спаси од судот на народот.
Македонија драги пријатели не е розовата слика во владините гласила и зборови, Македонија не се состои во владиниот раскош платен со државни пари, ниту во некој спот финансиран со парите на напатениот народ.
Ова е Македонија.
Македонија за сите!
Ова е Македонија на надеж, сон, копнеж и иднина.
Ова е Македонија на заеднички патриотизам.
Заедничка радост и среќа.
Македонија на заеднички победи, реформи. Македонија на големи чекори напред и големи промени. Македонија која дава сигурност, дава перспективна шанса за секого. Македонија во која одлучувате вие. Македонија која ја победува апатијата, која ја менува грдата реалност. Која дава рака на секој еден кога системот го оттурнал и го ставил на страна.
Ова е Македонија на сите луѓе!
Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците. Македонија на христијаните, на муслиманите, на атеистите.
Македонија на работниците, на невработените кои мора да се вработат, на докторите, на професорите. Македонија на умните и мудрите.
Ова е Македонија на народот кој знае кој е. Кој знае што е и каде треба да биде.
Македонија на пркосни луѓе кои се борат за судбината на своите деца, за својата иднина.
Македонија на народот кој е посилен од секоја елита, клика и група која нè влечела надолу.
Од сите вас зависи каква ќе биде иднината. Овојпат треба да се приклучите, овојпат е важно да учествувате за заедно да ги менуваме работите. Со истата енергија каква овој народ и земја ги имале при сите големи победи, при сите свои илиндени, славни епопеи и победи.
Шанса не само за една, туку за сите генерации заедно оставени на страна овие 30 години.
Шанса за заедничкиот патриотизам во кој сите веруваме.
Ова е Македонија на заедништво и нов заеднички патриотизам на рамноправни.
Нашата борба е за европски вредности базирани врз меѓусебно почитување и самопочит.
Нашата борба е вредности, идеал и кауза.
Нашата борба е да ја обновиме Македонија.
Промените да победат, за заедничката иднина, а промените ќе дојдат!
Би сакал овде на самиот крај да кажам уште три битни работи кои ќе ги повторувам се до самиот ден на избори, а тоа се прво на изминатите локални избори испишавме историја за прв пат од позиција на опозиција победивме и во првиот и во вториот круг и освоивме мнозинство градоначалници и советници во целата Македонија. За прв пат тоа се случило во независна Македонија. Заедно со народот успеавме да го декласираме владиниот наш политички противник коалицијата ДУИ и помалиот партнер СДСМ. 18 месеци поминаа откако градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се борат против оваа ненародна власт која ги казнува сопствените граѓани затоа што тие гласаа против нивните кандидати на изминатите локални избори. Ги казнува со тоа што не им менува систематизации, одзема ингеренции, со тоа што намалува дотации, не реализира проекти во општините во кои се наоѓаат градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но ќе издржиме. Многу било, малку останало.
Важно е повеќе од 18 месеци храбра, чесна, посветена работа вродува со плод и денеска кога ќе ги прашате граѓаните онаму каде што има градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ви кажат да надежта се враќа полека, но потребно е промени во Владата, потребна е нова Влада која комплетно ќе ја врати надежта и ќе ги врати сите оние луѓе кои се отселија од нашата Македонија и кои чекаат подобри времиња за да се вратат дома затоа што тука тежи каменот, а не таму.
Втората работа што сакам да ја кажам ќе дојдат изборите и еве јас ви кажувам ќе победи коалицијата која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ да немате дилема и таа победа ќе биде убедлива.
Но, ние драги пријатели браќа и сестри битолчани на следните избори не се бориме за победа, ќе победиме, ве гледам во очи и ви кажувам ќе биде убедлива победата и ќе победиме. Ние се бориме за мнозинство во парламентот за 61 пратеник. За тоа да се случи, драги пријатели, браќа и сестри, потребно ни е обединување на секој еден човек, мобилизација на секоја една клетка. И на тие кои што можеби не не поддржувале и на тие кои што имаат дилема, треба да им пратиме една јасна порака, сега е моментот кога треба повторно да ја вратиме Македонија онаму каде што и е местото, а тоа е на победничките патеки.
На следните избори треба да избереме претседател на народот, и треба да избереме Влада на народот, а за тоа ни е потребна убедлива победа на претседателскиот кандидат позади кој што ќе застане ВМРО-ДПМНЕ и 61 пратеник во Парламентот. Затоа треба да се мобилизираме.
И третата работа е повеќе предупредување. Ќе имаме три опции на следните избори тоа е оваа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, втората опција е коалицијата на ДУИ помалиот партнер СДСМ и неколкумина измеќари кои ќе се обединат околу двоецот Зечевиќ – Ковачевски и третата најопасната се оние кои со евтин популизам и договорен патриотизам ќе излегуваат и ќе се обидат да го поделат македонскиот гласач и да ја намалат победата на ВМРО-ДПМНЕ да не дојде до 61 пратеник зошто ? Затоа што на тој начин ќе ја зајакнат позицијата на Али Ахмети и ДУИ во процесот на преговори, а ние не сакаме со нив Влада, ние сакаме Влада без Али Ахмети и ДУИ затоа треба да излеземе масовно.
Ова е незапирливата сила на народот, и ова е Македонија, Македонија за сите луѓе!