Фудбалерите на Интер славеа многу важна победа во 34. коло од Серија А. На гостувањето кај Рома „нероаѕурите“ триумфираа со 0-2 и значително ги зголемија шансите за пласман во Лигата на шампионите.
Првото полувреме започна малку летаргично и без преголеми возбудувања во првите половина час, а Интер успеа да го отвори резултатот преку Димарко во 33. минута. Одлично му асистираше Дензел Думфрис, а гостинскиот тим замина со минимално водство на паузата. (0-1).
Рома имаше поголема теренска иницијатива во второто полувреме, тимот на Жозе Мурињо ја држеше топката кај себе многу повеќе и се обидуваше да стигне до израмнувачки погодок. Во 57. минута имаше еден спорен момент по кој домаќините бараа најстрога казна, но од ВАР-собата соопштија дека немало прекршок и играта продолжи.
Интер успеваше да ги запре налетите на „волчицата“, а потоа успеа и да го дуплира водството по една голема грешка на домашната одбрана. Ромелу Лукаку успеа во 74. минута со прецизен удар да го совлада Руи Патрисио од дваесетина метри и на тој начин ја најави големата победа на тешкото гостување во Рим.
Конечниот резултат гласеше 0-2 за Интер и сега миланскиот тим e на четвртото место со 63 бодови, исто колку и третопласираниот Јувентус кој има меч помалку.
Со денешниот пораз, Рома се оддалечува од трката за пласман во Лигата на шампионите и сега „волчицата“ е на седмото место со 58 бодови. До крајот на сезоната во Серија А остануваат уште четири кола.
Со денешната победа над Лацио, Милан стигна до 61 бод, што му го носи петтото место. Пред Милан е новиот шампион Наполи со 80 бодови, Лацио со 64 и Јувентус и Интер со по 63 бодови. Рома остана на седмата позиција со 58 бодови и ја пропушти можноста посериозно да се вклучи во борбата за место во Лигата на шампионите.