Де Лаурентис: Во никој случај летово нема да го продадам Осимен

По години и години чекање, Наполи ја освои титулата шампион на Италија, а нигерискиот напаѓач Виктор Осимен е еден од најзаслужните што титулата ја донесе на „Марадона“.

Тој постигна 22 гола на 27 одиграни натпревари во италијанската лига и го привлече вниманието на многу европски гиганти како Баерн и Манчестер Јунајтед.

Сепак, заинтересираните клубови се свесни дека нема да биде лесно да го доведат Осимен во своите редови, а таа мисија станува речиси невозможна откако контроверзниот претседател на Наполи, Аурелио Де Лаурентис ја објави својата одлука.

-Во никој случај летово нема да го продадам Осимен! Не сакам да го пуштам, тој останува тука – беше јасен Де Лаурентис, а даде и информација кој ќе го води неговиот тим следната сезона.

– Веќе ја активирав опцијата за продолжување на договорот на Лучијано Спалети за следната сезона, тој останува да го тренира првиот тим, заклучи тој.

Да потсетиме, Наполи го доведе Осимен летото 2020 година од француски Лил за 75 милиони евра, а сега сака да добие двојно повеќе за него. Навивачите беа загрижени и од неодамнешната изјава во која Осимен рече дека би сакал да игра во Премиер лигата.

-Многумина ја сметаат Премиер лигата за најдобра лига, но јас сум во една од петте најдобри лиги во светот, во Италија. Секако, напорно работам да го остварам мојот сон и еден ден да се испробам во Премиер лигата – изјави Осимхен, кој очигледно нема да се пресели на Островот летово, барем според плановите на Де Лаурентис.

Треба да знаете
Последни објави