Заменик шефот на иранската Револуционерна гарда Мохамад Салех Џокар денеска изјави дека дури и иранска ракета со краток дострел би можела да достигне до американските воени бродови во Персиски Залив, оценувајќи дека САД не можат да си дозволат нова војна.
– Дури и нашите ракети со краток дострел лесно можат да стигнат до (американските) воени бродови во Заливот, посочи Џокар.
Тензиите помеѓу Иран и САД ескалираа откако Вашингтон ги интензивира санкциите и политичкиот притисок врз Техеран и го зголеми военото присуство во регионот. Сето тоа ја зголемува загриженоста поради потенцијален конфликт.
Односите помеѓу Вашингтон и Техеран дополнително се влошија откако Иран на 8 мај најави делумно повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од спогодбата. Иранскиот претседател Хасан Рохани на европските лидери им даде рок од 60 дена до 7 јули да изнајдат начин да го заштитат Иран од американските санкции или во спротивно Техеран нема да ги продава резервите збогатен ураниум во странство и ќе ја интензивира преработката на ураниум.
САД минатата недела испратија носач на авиони „Абрахам Линколн”, единица бомбардери Б-52, амфибискиот воен брод „Арлингтон ЛДП-24″ во Персиски Залив, а исто така соопштија дека ќе распоредат системи за противвоздушна одбрана со долг дострел „Патриот”во зоната на Централната команда на армијата на САД (ЦЕНТЦОМ), првенствено задолжена за Блиски Исток и Централна Азија.
Распоредувањето на оружје, според Пентагон, е „одговор на индикациите за зголемена подготвеност на Иран да изведе офанзивни операции против воените сили на САД и американските интереси”.