Откако македонската гранична полиција вчера не дозволи влез во земјава на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и четворица други бугарски државјани, ГЕРБ соопшти дека ќе ги извести европските партнери, како и комесарот за проширување на ЕУ.
Според партијата, станува збор за недозволиви мерки кои ги спровеле властите во Северна Македонија.
-На Ѓурѓовден, кога го почитуваме споменот на загинатите војници за нашата татковина, властите на Република Северна Македонија го направија невидениот чин и не му дозволија влез на шефот на групата ГЕРБ-СДС во ЕПП, Андреј Ковачев, кој е и портпарол на групата на ЕПП во Европскиот парламент одговорна за проширувањето на ЕУ и Западен Балкан. ГЕРБ категорично ги осудува овие постапки на властите на РСМ. Ваквите недозволиви мерки, како и сите дејствија во последните месеци против други бугарски државјани или против граѓани на РСМ кои отворено го изјавуваат својот бугарски идентитет, на ниту еден начин не придонесуваат за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за развој на добрососедски односи меѓу двете земји, се наведува во објавата на Фејбук страната на ГЕРБ.
Во објавата од ГЕРБ наведуваат дека тие и нивниот лидер Бојко Борисов направиле насочени напори да ја забрзаат европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и на PCM, потсетувајќи на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан во 2017 година.
Реакција вчера испрати и бугарското МНР од каде наведоа дека се разочарани од одлуката на властите во Северна Македонија ,да не им се дозволи влез во земјата на бугарскиот пратеник во Европскиот парламент Андреј Ковачев, на претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“, Милен Врабевски, и на уште тројца бугарски државјани.
-Бугарската страна ќе го покрене ова прашање официјално пред властите во Северна Македонија и со нашите меѓународни партнери бидејќи настаните од слична природа имаат негативно влијание врз добрососедските односи и напорите на бугарската страна насочени кон враќање на довербата и создавање позитивна клима за развој на билатералните односи, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.
Од македонското МВР потврдија дека на петмина бугарски државјани не им бил дозволен влез во земјава, бидејќи не ги исполнувале условите според Законот за странци. Во објаснувањето од полицијата се наведува дека лица кои ги навредуваат граѓаните и државата немаат право да влезат во земјава.
-Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата,соопшти МВР.
Настанот на кој требало да учествуваат Ковачев и Врабевски е панихида во Ново Село по повод празникот Ѓурѓовден. Од бугарското МНР вчера соопштија дека настанот со години традиционално се организира во Струмица од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и Фондацијата „Бугарска меморија“