Денеска со пригодна свеченост на сцената на Долни Сарај во Охрид, во присуство на претставници на Владата, Собранието, раководството на ИНТЕРПОЛ, министри за внатрешни работи и директори на полиции од регионот, дипломатскиот кор, претставници на локалната самоуправа и верските заедници, раководството на Министерството за внатрешни работи и бројни пријатели и гости се одржа централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција – 7 Мај.
Министерот за внатрешни работи во своето поздравно обраќање пред присутните, честитајќи го празникот на полицијата, се осврна на важноста и благородноста на полициската професија, поради која полициските службеници претставуваат херои на нашето време, секојдневно ризикувајќи ги своите своите животи за да ја заштитат заедницата и да го направат светот подобро место за живеење.
„Секој ден, во секој град низ целата земја илјадници полициски службеници вршат несебична, би рекол благородна работа, надвор од комфорот на домот и семејството, во непредвидливи услови и често опасни ситуации – за да ги заштитат граѓаните, за да ја зголемат безбедноста во државата. Во жестока пресметка со криминалот, спречувајќи ги кризите брзо и целосно, без чекање и двоумење. За жал, некои од нив, борејќи се за безбедноста на граѓаните и државата, ја дадоа и најскапоцената жртва – своите животи, поради што на овој ден со неизмерна почит се потсетуваме на нив и на нивната храброст, како вечна инспирација за сите нас!”, истакна министерот Спасовски притоа додавајќи дека да се биде полицаец, да се биде припадник на Министерството за внатрешни работи – претставува посебна чест и огромна одговорност.
Министерот Спасовски осврнувајќи се на изминатите шест години во кои тој со својот тим е на чело на МВР, потенцираше дека министерството се етаблираше како институција во која работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против хибридните закани и тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и за секојдневните потреби на граѓаните, за чија ефикасност покажуваат конкретните резултати во борбата со криминалот.
„Со задоволство можам да констатирам дека минатата година ја завршивме со 6% намалување на вкупниот криминалитет, а откривачката функција на кривичните дела од организиран криминал бележи зголемување од 40%. Дури 70% е зголемувањето на откриените дела поврзани со криумчарење мигранти, а зголемување за над 30% имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Запленивме над 2,4 тони дрога, како и 20 тони најразлични прекурсори, сузбиени се 15 криминални групи, од кои дури 12 делувале во областа на недозволената трговија со дрога. Спречени се вкупно осум меѓународни транспорти на марихуана, кокаин и хероин. Како резултат на ова, во рок од шест месеци спроведовме две големи уништувања на дрога, со вкупно уништени околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци.”, потенцираше министерот некои од минатогодишните бројки и статистики на ефикасноста на македонската полиција.
Спасовски и за првите четири месеци од оваа година истакна дека вкупниот крминалитет е намален за 12,6% во однос на истиот период лани, во тек се осум национални и 12 локални оперативни акции од областа на класичниот и сериозниот криминал, а во моментот се постапува по 244 криминалистички истражувања.
„Бележиме најдобри резултати во последните 30 години, благодарение на кои Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот. Тоа се наши заеднички резултати!”, потенцираше министерот Спасовски притоа истакнувајќи дека полицијата покажа дека може и мора да остане доследна на задачата за бескомпромисно чување на законот, на редот и мирот и, секако, на безбедноста на сите наши граѓани и целата држава.