Џејмс Харден и Џоел Ембид заедно искомбинираа 76 поени од вкупно 116, колку што постигна Филаделфија за голема победа дури по продолжение против Бостон.
Домашните во текот на целиот натпревар имаа константно водство, кое почна да се топи во последниот период од натпреварот. Бостон беше многу блиску и до комплетен пресврт, но сепак поснаодливи и посреќни во продолженијата беа домашните кошаркари кои забележаа победа од 116-115 откако мечот заврши 107-107.
Селтикси на крајот од третиот период губеа со 15 разлика (75:90), а потоа полека почнаа да ја топат предноста на домашните. Со тројките на Маркус Смарт и Џејлен Браун, заедно со леј-ап на Џејсон Тејтум, „Келтите“ стигнаа до израмнување (96:96), додека Ал Хорфорд по долго време со забивање го врати водството на Бостон (96:98).
Смарт и Малком Брогдон со два успешни удари од зад линијата 7,24 му донесоа плус пет на тимот од Масачусетс (100:105), но Фила со поените на Пи Џеј Такер и Харден израмнија.
Во последниот напад од регуларниот дел Смарт остана сам, но не беше прецизен.
Екипите го менуваа водството во дополнителните пет минути, а тројката од чекор назад на Џејсон Тејтум им донесе на гостите плус два (113:115) на 39 секунди до крајот.
Сепак, во следниот напад Браун донесе лоша одлука и го удвои Ембид кој упати добро додавање за Харден, кој не погреши од десниот агол (116:115). Бостон уште еднаш имаше можност сам да си ја реши судбината, но бавно одеше нападот па тројката на Маркус Смарт дојде се десетинка предоцна.
Татум и Браун со 24, односно 23 поени беа најпрецизни во поразениот состав, додека Харден со 42 и Ембид со 34 го предводеа составот на Филаделфија до втората победа во серијата против Бостон.