Власта е во процес на носење законски измени со кои ќе се утврди максимална казнена камата која нема да смее да го надминува износот на главниот долг.
Тоа во пракса значи дека ако некој на пример должи 2.000 денари, на име на камати максимално да плати 2.000 денари.
Но според најавите од парламентарното мнозинство измените на законите за облигациони односи и извршување ќе се применуваат и за услугите од финансиските друштва, односно компаниите кои нудат брзи кредити.
„Измените директно ќе се однесуваат и на Законот за финансиски друштва каде што е регулирано финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки кредит ако трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60% од износот на одобрениот кредит. Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги. Всушност на овој начин ја зајакнуваме и контролата, со новите измени и дополнувања на Законот на финансиски друштва се зајакнува и контролата на државата врз работењето на финансиските друштва но и во она што значи наплата на трошоци, висина на трошоци но бидејќи овде не беше вклучена казнената камата бидејќи таа е регулирана со Законот за облигациони односи затоа велиме дека со овие измени директно ќе влијае и на Законот за финансиски друштва односно на односите којшто се создаваат помеѓу финансиски друштва и корисниците на финансиските услуги“ велат од владејачката СДСМ.
Оваа реакција на пратениците доаѓа откако изминатиот период излегоа многу јавни сведоштва на лица кои земале брзи кредити со симболични суми десетина илјади денари, а сега должат и по неколку илјади евра, се соочуваат со извршители, блокирани сметки и заплена на имот.
Тоа е така затоа што овие компании кредитите ги обременуваат со админстративни трошоци, кои некогаш изнесуваат и 50 отсто од земениот износ за кредит, па кога на тоа ќе се додаде казнената камата за доцнење, тогаш некој кој должел 10 000 денари, за многу брзо време да треба да врати и 30.000 денари кон финансиското друштво.
Усвојувањето на овие законски измени ќе стави крај на должничкото ропство на одредени поединци и семејства, најмногу кон финансиските друштва за брзи кеш кредити.