Претседателот на Русија, Владимир Путин, му го честиташе Денот на победата на рускиот народ, велејќи дека цивилизацијата повторно е на пресврт. Русија го празнува денеска својот најголем празник – Денот на победата, со кој се одбележува годишнината од капитулацијата на нацистичка Германија во втората светска војна, кога по поразот на окупаторите пред Сталинград, незапирливата офанзива на Црвената армија го потисна непријателот се до Берлин.
Централната прослава традиционално се одржа на Црвениот плоштад, каде руската држава со воена парада се обидува да ја претстави својата воена моќ. Повеќе од 50 парчиња воена опрема, вклучувајќи тенкови, артилерија и ракетни системи продефилираа пред Путин, кому друштво му правеа дел од преживеаните ветерани од татковинската војна, и лидерите на дел од државите од заедницата на независните држави.
-Ние сме повторно нападнати, но ќе победиме, порача во своето обраќање, шефот на руската држава, Владимир Путин, повлекувајќи паралела помеѓу нацистичката инвазија и интервенцијата во Украина, која официјална Москва меѓу другото ја правда како одбрана на руското население во источниот дел од државата. Цивилизацијата е повторно на пресвртница. Повторно започна вистинска војна против нашата татковина, но ние се спротивставивме на меѓународниот тероризам, затоа ќе ги заштитиме граѓаните на Донбас, ќе ја обезбедиме нашата безбедност – рече рускиот лидер.
Централната прослава традиционално се одржа на Црвениот плоштад, каде руската држава со воена парада се обидува да ја претстави својата воена моќ, будно следена од неприкосновениот лидер Путин.
-Сепак, западните глобалистички елити сè уште зборуваат за својата ексклузивност, се караат со луѓето и го делат општеството, предизвикуваат крвави конфликти и пресврти, сеат омраза, русофобија, агресивен национализам и ги уништуваат семејните и традиционалните вредности кои човекот го прават човек – рече Путин.
Војната во Украина или како Москва и натаму ја нарекува, специјалната воена интервенција, беше во фокусот на обраќањето на Путин, кој им оддаде признание на руските војници на фронтот.
-Горди сме на учесниците во специјалната воена операција, сите оние кои се борат на линијата на фронтот, кои обезбедуваат за борците на фронтот и ги спасуваат ранетите. Нема ништо позначајно од вашата воена работа – подвлече рускиот лидер.