Градоначалникот на Вевчани Сашо Јанковски, кој доаѓа од редовите на СДСМ, денеска за в.д. директор на Јавното комунално претпријатиие „Еремија” ја постави активистката на ВМРО-ДПМНЕ Јасмина Бебековска. Досега не се памети победничка партија на локалните избори да постави за директор на ЈП припадник на друга политичка партија.
Вевчанскиот градоначалник има едноставно објаснување за оваа негова одлука.
„Бебековска ја назначив за в.д. на ‘Еремија’ од сосема едноставна причина. Во ова претпријатие само таа ги исполнуваше условите за вршител на должност директор. Само Бебековска има високо образование. Таа е дипломирана економистка, која Економскиот факултет го завршила во Прилеп. Не е точно дека таа на овие локални избори беше на листата за советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, ни изјави градоначалникот Сашо Јанковски.
Тој додава дека засега немало реакции на оваа негова одлука.