Американските разурнувачи „Мекфол” и „Гонзалес” синоќа впловија во Персискиот Залив, објави денеска информативниот портал на Воено поморскиот институт на САД, повикувајќи се на извори во Пентагон.
Порталот, како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, наведува дека воените бродови веќе го минале Ормускиот Теснец. Според расположливите податоци, секој од бродовите може да носи по 50 крилести ракети „Томахавк”.
Претходно во Оманскиот Залив пристигна и ударна поморска група предводена од носачот на авиони „Абрахам Линколн”.
Во последно време односите помеѓу Вашингтон и Техеран се заострија и присуството на американски воени бродови во регионот се смета како притисок на САД врз Иран.
САД дури го обвинија Иран дека стационира ракети во Персискиот Залив.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека нема намера да испрати копнени трупи во регионот и дека идејата за воена интервенција на САД во Иран е неоснована.