Фенербахче ќе мора да чека уште една година за нова титула во Евролигата, а Жељко Обрадовиќ за неговиот 10-ти триумф на турнирот.
„Фенерите” загубија шокантно од својот конкурент од Истанбул – Анадолу Ефес со 73:92 во полуфиналето во Виторија и не успеаја да стигнат до финалето. Сепак, победата на „сините” беше заслужена.
Бекот Шејн Ларкин беше големата ѕвезда на победниците со 30 поени, постигнувајќи 9 од 14 од игра, 7 скока, 7 асистенции. Василие Мичиќ беше одличен со 25 поени, а најголемата предност беше во скокот – 41-21!
За Фенербахче, Јан Весели постигна 14 поени, но тимот на Жељко Обрадовиќ постигна само 6 тројки во 21 обид, додека нивниот ривал нанижа 14 и второто полувреме го загубија со 33:47.
Во финалето во недела, Анадолу ќе игра против победникот помеѓу Реал Мадрид и ЦСКА Москва.