„Тој што го договарал автопатот Кичево-Охрид пред десет години избрал модел во кој прво се договорени 400 милиони евра, а сега станал 600 милиони евра. Правен е проектот на Гугл Мапс. Еден прави проект, друг изведува и кога изведувачите го добиваат проектот сфаќаат дека поминува низ гробишта, низ сред село, врз резервоар за вода и половина од свлечишатата и клучките се погрешно проектирани“ рече премиерот Димитар Ковачевски во „Само интервју“ на Канал 5.
Тој додава дека 25 отсто од автопатот се репроектирал од почетокот и дека поради тоа во моментот тој достигнал цена од 600 милиони евра.
„Сега конечно после толку години се откочи процедурата и со проектирања и имаме завршено некаде околу 78-79 отсто од проектот. Тој проект кажавме дека е цел да се заврши до крајот на оваа година и да може да се вози по него до крајот на оваа година“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека со носењето на законите за коридорите 8 и 10д се врши усогласување на законодавството за забрзување, поедноставување и зголемување на ефиканоста, како и намалување на трошоците на чинење со оглед на тоа што се намалува временскиот период на градење.