Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со првиот вицепремиер за европска интеграција, развој и дијалог на Косово, Бесник Беслими, на која, како што информираат од СЕП, беа потврдени одлични пријателски односи на двете земји, како и потребата од продлабочување на соработката, особено во делот на евроинтеграциите и искористувањето на ИПА програмата за прекугранична соработка.
– Заеднички интерес е да се движиме напред, сите заедно. Нашиот пат кон ЕУ не е лесен, но со заеднички пристап и соработка ќе го направиме и побрз и полесен. Постоечката одлична соработка на сите нивоа помеѓу двете земји може да се унапреди во рамки на Спогодбата за соработка во областа на европската интеграција од 2016 година, но исто така и преку регионални проекти, преку кои побрзо ќе ги достигнуваме европските стандарди, рече Маричиќ.
Тој кажа дека напредок во евроинтеграциите регионот веќе направи, со доделувањето на кандидатски статус на Босна и Херцеговина, поднесувањето на апликацијата на Косово и визната либерализација, и дека тој тренд мора да продолжи, со заедничка заложба.
Дали ќе направиме помал или поголем исчекор кон ЕУ зависи од нас, но, мора да правиме чекор напред кон ЕУ секоја година. Затоа е важно земјите од Западен Балкан да седат на иста маса и да демонстрираат консензус, заедништво и подготвеност да се движат заедно кон ЕУ, укажа Маричиќ, иницирајќи заеднички состанок на сите министри за евроинтеграции од земјите од регионот.
Беслими рече дека „двете земји споделуваат заеднички вредности и аспирации за членство во Европската Унија и дека е исклучително важно што Косово има искрен партнер како Северна Македонија во остварувањето на својата стратешка цел.
– Не очекуваат многу предизвици, важно е да бидеме цврсто на европскиот пат. Долгото време поминато во чекалната на ЕУ не има направено поподготвени да ги спроведеме реформите и да го завршиме преговарачкиот процес, рече вицепремиерот Беслими.
Маричиќ на средбата потврди дека Северна Македонија е искрен партнер и пријател на Косово и дека стоиме на располагање за соработка, размена на искуства и знаења во процесот на преговори со ЕУ.
На средбата се разговараше и за важноста на регионалната соработка и решавањето на отворените прашања, како услов за побрзо напредување и во реформите и кон ЕУ. Во оваа насока Маричиќ посочи дека нашата земја ќе продолжи да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека се надева оти договореното помеѓу двете страни во Охрид ќе биде добра основа за постигнување на европски компромис, кој ќе биде од корист за целиот регион.
Вицепремиерот за европски прашања во рамки на официјалната посета на Приштина, на покана на Групата за истражување на политиката на Балканот, Фондацијата БФПЕ за одговорно општество и Атлантскиот совет, информираат од Секретаријатот за европски прашања, ќе учествува на конференција во рамки Иницијативата Балкански дијалози, на тема: „ЕУ и Западен Балкан: безбедност, регионална соработка и интеграција“, на тема: „ЕУ и Западен Балкан: безбедност, регионална соработка и интеграција“.