Одбиени амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за предложените измени на Законот за работни односи

Непочитување на Уставот и законите и кршење на конвенциите за човекови права и европските директиви за работно време и на цивилизациската придобивка од осум часа работа на ден. Се предлагаат измени со кои максимално ќе се искористуваат работниците. Наместо ветениот живот за сите, правите робови од сите и нѐ враќате во робовладетелско општество, реагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во попладневниот дел од седницата на собраниската Комисија за европски прашања. 

На седницата беа одбиени амандмани од опозициската партија на Предлог-законот за измени на Законот за работни односи – прв од петте закони во кои треба да се интервенира согласно договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на делници од коридорите 8 и 10д.

Бране Петрушевски рече дека во Предлог-законот не е наведена горна граница за прекувременото работно време за изградба на автопатиштата. Смета дека со тоа што во Предлогот пишува дека работниците ќе имаат 12 часа одмор на ден и 24 часа непрекинат одмор во денот недела, значи дека ќе може да работат и по 12 часа на ден или, за шесте работни дена, вкупно 72 часа во една седмица. 

– Дали е нормално да се работи 72 часа и тоа на тешки градежни активности. Тоа не постои во ниедна држава во светот, дури ни во Африка. Ја кршите Директивата 88 на Европската комисија од 2003 година во која, во член 6, експлицитно стои дека работното време, вклучувајќи и прекувремена работа, може да изнесува 48 часа неделно. Ако сакаме да влеземе во Европската Унија, така треба да биде и во Република Македонија. Парадокс е што во Комисија за европски прашања кршиме европска директива. Ова ќе биде сериозна забелешка во следниот извештај на Европската комисија, истакна Петрушевски.

Спорно за него е и тоа што се предлага министерот за труд и социјална политика да има дискрециско право за „начинот и местото на исплата на плати“ и, рече, посебно го загрижува „местото на исплата“ зашто може да значи сериозна даночна евазија. 

-Местото е сериозен момент зашто има можност на име  на надоместоци на плата и давачки да се изнесе огромен дел од парите и ќе се даночат во друга држава, рече  Петрушевски. 

Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин на седницата изјави дека не го видел Договорот со „Бехтел и Енка“, но дека се работи за проект од интерес на граѓаните, од национално и стратешко значење за државата и клучен за трансевропската  транспортна мрежа на Западен Балкан вклучително и за Република Северна Македонија. 

Во одбрана на предложените измени на Законот за работни односи, Хусеин негираше дека  работната недела ќе биде 72, туку 60 часа, и само со писмена согласност од работникот и заради континуитет во реализацијата на проектот. Додаде дека прекувремената работа веќе постои во градежништвото и, како што рече, „дебело“ ќе му се плати на работникот. 

-Нема да се дозволи експлоатација и нарушено работничко право на ниту еден работник. Невистина и манипулација е дека ќе имаат над 60 часа неделно… Секој прекувремен час ќе се исплаќа 35 отсто. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено и, ако не сака, не може да биде присилен, рече Хусеин. 

Посочи и дека работата на делниците ќе зависи и од временските услови и од потребите за одредена траса, така што ќе има и денови кога нема да се работи и не секогаш работната недела ќе биде 60 часа.

Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со тоа што одобрува зголемено работно време во неделата од 40 на 60 часа, власта не се грижи за правата на работникот и дека СДСМ е псевдосоцијалдемократија и ги крши европските вредности и покрај европскиот наратив. 

-Евроамбасадорот Дејвид Гир пред два дена и портпаролот на официјален Брисел, Петар Стано, утрово рекоа дека ова што го правите нема врска со евроинтеграциите, рече Пренџов и додаде дека по овој предлог од Владата за прекувремена работа, и од други фирми се најавуваат 60 часа работно време во неделата.

На колегите членови на оваа собраниска комисија тој им порача дека „не е нормално да се гласа нешто што не го виделе“ и побара договорот со „Бехтел и Енка“ да го добијат и две до три недели да го разгледаат.

Мартин Костовски од СДСМ му реплицираше дека со тоа што го спомнува и се повикува на ЕУ покажува антагонизам во ставовите бидејќи ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, негирала сѐ што кажува официјален Брисел, како на пример дека се отпочнати преговори со ЕУ и дека е заштитен македонскиот јазик со договорот Фронтекс. 

Седницата на собраниската Комисија за европски прашања ќе продолжи в понеделник во 11 часот. 

Треба да знаете
Последни објави