Министерството за внатрешни работи е целосно посветено на зголемување на безбедноста во сообраќајот, а особено сме посветени и на превентивните кампањи, кои интензивно ги спроведуваме изминатите години, рече министерот Оливер Спасовски, во изјавата за медиумите по дефилето на велосипедисти и мотоциклисти во рамки на превентивната кампања „Јас внимавам и безбедно возам”, кое се одржа во Скопје, а завршниот дел беше пред спортскиот центар „Јане Сандански” во општината Аеродром. Министерот Спасовски потенцираше дека МВР и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата имаат исклучително добра соработка и постојано организираат заеднички кампањски, едукативни, нормативни и други проекти во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот.
„Покрај тоа, особено во поглед на воспитно-образовното и стручно делување, имаме и силна поддршка и од нашите високообразовни институции, како што е поддршката од нашата најстара образовна институција од областа на безбедноста – Факултетот за безбедност при универзитетот “Свети Климент Охридски”, така што сум убеден дека се движиме кон посакуваните цели – а тоа е поголема граѓанска свест и одговорност пред се кон почитувањето на сообраќајните правила и прописи, поквалитетна едукација и превенција и примарно – поголема безбедност на сообраќајот на патиштата”, рече Спасовски на дефилето на кое учествуваа преку 100 велосипедисти и над 30 мотоциклисти.
На настанот свои обраќања имаа и деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски и претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска, како и Марија Ставрева од компанијата ОКТА.