Две лица кои со багер влегоа во дворот на поликлиниката Бит Пазар, со намера без дозвола да изградат експресно за време на викендов паркинг-простор кривично ќе одговараат за “Узурпација на недвижности”. На првоосомничениот 45 – годишен од Скопје кој го узурпирал земјиштето по барање на обвинителството, судија на претходна постапка, му определи 8 дневен притвор, а на управувачот на градежната машина мерка на претпазливост.
– Намерата на осомничените била во најкраток можен период за време на викендот да го заокружат криминалниот потфат со ставање сопствена рампа со која во иднина би го узурпирале просторот и би профитирале од наплата на паркинг без дозвола. Ова за обвинителството укажува дека тенденцијата на осомничените била и понатаму да се занимаваат со казниви дејствија што го оправдува стравот дека постои опасност тие да го повторат кривичното дело, соопштија од ЈОРМ.
Од ЈОРМ информираат и дека двете лица во петокот вечерта ударнички за само два часа успеале да ја урнат оградата и бетонските столбови за да овозможат пристап на градежна механизација, а почнале да носат и камиони со голема количина песок која ја послале врз зеленилото.