Родители на стотина деца од градинката Детска радост во Автокоманда бараат од Тренчевска да ја смени директорката или ќе ги донесат децата пред МТСП

Родители на над сто деца од градинката Детска радост во Автокоманда преку отворено писмо до јавноста и Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се заканија дека нема да ги носат децата во градинката и ќе ги донесат пред министерството поради директорката која според нив, работи незаконски

Отворено писмо до Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска
од родителите на децата кои ја посетуваат градинката Детска радост во Автокоманда

Почитувани новинари
Почитувана министерка Јованка Тренчевска

Детската градинка Детска радост во Автокоманда е градинка во која се згрижуваат децата од Автокоманда, Железара и Керамидница.

Во време кога многу наши соседи чекаат со месеци да ги запишат децата во градинка, наместо за нови инвестиции нашата градинка во јавноста стана позната по скандали и незаконско работење.

Како родители згрозени сме од она што го читаме и слушаме во медиумите.

На овој чекор се одлучивме, јавно да се обратиме до министерката за труд и социјална политика и да ги кажеме нашите ставови по однос на целата состојба.

Во градинката Детска радост се запишани 614 дечиња и тие не заслужуваат ваков однос каков што се случува во изминатите три недели.
Дали Вие како Министер за труд и социјална политика сте информирани дека нашите деца често се оставени гладни и без храна, благодарение на менаџментот на градинката под раководство на разрешената директорка Анета Петровска?


Дали Вие како Министер за труд и социјална политика сте информирани дека во нашата градинка на дете му беше дупната главата со лажица од страна на вработена во градинката? И што се случи? Вработената си продолжи со работа, само распределена од еден во друг клон.
Дали Вие како Министер за труд и социјална политика сте информирани дека ние како родители месечно од нашите пари уплаќаме надомест во градинката? А дополнително купуваме материјали за работа на децата, како и марамици, пластични чаши и сл? За ова нема пари од буџетот на градинката, ама гледаме дека за сметки по ресторани имало пари.
Дали Вие како Министер за труд и социјална политика знаете во каква состојба се клоновите на градинката? (фотографии во прилог на писмото) Нема пари за реконструкција на објектите, а има пари за луксузен мебел на кабинетот на менаџментот.
Ве прашуваме зошто замижувате пред сето ова и се ставате заштита на жена која и во минатото била разрешувана од директорка во градинка во Петровец по идентични дела како и сега?

На крај, ја информираме јавноста дека како родители нема да дозволиме нашите деца да бидат згрижувани во детска градинка со која раководи лице кое видовме сите од документите, работело спротивно на многу закони.

БАРАМЕ од Министерката да не ги одзема ингеренциите на општината во управувањето на градинката Детска радост, бидејќи проблемот не е во општината, туку во разрешената директорка.

Доколку Министерката ја заштити разрешената директорка која работела спротивно на Закон и ги одземе ингеренциите на општината, нашите деца ќе ги донесеме пред зградата на Министерството за труд и социјална политика и ќе ги оставиме Министерката да се грижи за нив.

Нашите деца нема да одат во градинка која ја води директор осомничен за криминал!

Со почит,

Родители на деца згрижени во детска градинка Детска радост

Треба да знаете
Последни објави