Претседателот на државата Стево Пендаровски одбил да ги помилува поранешната шефица на згаснатото Специјално јавно обвинителство Катица Јанева, експретседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски, и бизнисменот Сеад Кочан, објави „360степени“.
Инаку, Јанева и Панчевски по првпат бараат помилување од шефот на државата, додека бизнисменот Сеад Кочан веќе еднаш се обиде да добие помилување во 2021 година, но безуспешно.
Имено, постапката за евентуално помилување на осудени лица од страна на претседателот почнува со поднесување молба за помилување до судот кој ја донел првостепената судска одлука. Потоа, молбата заедно со потребната документација судот ја доставува до Министерството за правда. Согласно законската постапка, министерот за правда ги разгледува молбата и останатите документи и дава свој предлог до шефот на државата.
Оттука постапката ја презема Комисијата за помилување на претседателот на државата, која на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот за правда. Инаку, Комисијата за помилување е постојано работно тело во служба на претседателот.
Откако ќе ги разгледа документите, Комисијата со мнозинство гласови од присутните членови утврдува мислење, односно предлог кој потоа го доставува до шефот на државата. Претседател на Комисијата за помилување е Уранија Пировска, а нејзини членови се: Фехми Стафа, Љубомир Јовески, Љубомир Михајловски, Кимо Чавдар, Ерол Рушид, Томислав Кежаровски, Сафет Алиу, Зора Митиќ и Билјана Петковска,
За Јанева, Панчевски и Кочан исходот од целата процедура завршил безуспешно, бидејќи конечната одлука на претседателот била негативна.
Ексшефицата на Специјалното јавно обвинителство беше осудена на седумгодишна затворска казна во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластување, заедно со Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, кој доби две години повеќе.
Поранешниот претседател на Кривичниот суд – Скопје, Владимир Панчевски, затворската казна од две и пол години за злоупотреба на службената положба почна да ја издржува од 3 февруари минатата година, кога сам се пријави во затворот „Скопје“.Тој беше осуден под обвинение дека како претседател на Судот местел, односно ги распоредувал предметите кај одредени судии, во периодот од 2013 до 2016 година, злоупотребувајќи го АКМИС – системот за автоматска распределба на предметите. Пресудата во неговиот случај беше објавена на 4 август 2020 г. и според неа тој беше осуден на три и пол години затвор, но Апелација му ја намали казната за една година.
Бизнисменот Сеад Кочан, пак, пресудата во случајот „Труст“ на СЈО, во кој беше обвинет за злоупотреба при постапка за јавни набавки, првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје ја дочека на 20 јули 2018 година, со која беше осуден на затворска казна од шест години.
Но, по одлучувањето по жалбите, Апелацискиот суд му ја намали казната на бизнисменот на 4 години и 8 месеци, а со тоа таа истовремено стана и правосилна, со што на 31 август 2019 година тој беше спроведен во затворот „Идризово“ на издржување на казната
Инаку, ако се земе предвид моментот од кога Кочан почна да ја отслужува затворската казна – 1 август 2019 година, на бизнисменот му остануваат уште 11 месеци да излезе од затвор.