Промоција на публикацијата „Солидарност – од надминување кризи до одржлив развој“ 

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на промоција на публикацијата насловена „Солидарност – од надминување кризи до одржлив развој”, подготвена од страна на канцеларијата на Програмата за развој на Обединети нации (УНДП) во Скопје, преку Институтот за демократија „Социетас Цивилис” (ИДСЦС).

Публикацијата содржи тринаесет авторски трудови на тема солидарност и е изработена по повод одбележувањето на 60 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, со цел поттикнување на јавната дискусија околу важноста на солидарноста во развојните цели и градењето на отпорни општества.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање го потенцираше значењето на солидарноста истакнувајќи дека само обединет, солидарен и отворен свет може да одговори соодветно на глобалните предизвици кои стануваат сè покомплексни и за жал, сè поопасни.

„Наша обврска кон сегашните и идни генерации е да поставиме соодветни услови за напредок и развој и низ сопствени примери да етаблираме морални вредности врз кои е единствено можен подобар свет”, истакна претседателот Пендаровски.  

„Пред шест децении,  тогашниот свет, целосно идеолошки поделен, се сплоти во поддршката на еден град разурнат од огромна природна катастрофа, и на дело го покажа значењето на интернационалната солидарност и целисходноста од постоењето на Обединетите нации и системот на поддршка кој тие го имаат. Свежи во сеќавањата ни се и последните примери со разорните земјотреси во Турција и Сирија и важноста на солидарноста што во таа прилика повторно ја покажа светот, но, и бројни држави, невладини организации и совесни поединци. Без солидарност многу потешко ќе ја пребродевме и Ковид пандемијата, само врз база на солидарност може да се решава прашањето на климатските проблеми, како и многу други комплексни предизвици што го мачат човештвото”, рече во обраќањето претседателот Пендаровски.

На настанот се обратија Марина Валтер, заменичка на регионалната директорка на УНДП за Европа и Централна Азија, Владимир Десков, ко-автор на есејот „Изградба на градот на солидарноста”, кој се осврна на пост-земјотресната обнова на Скопје од архитектонски аспект и Ненад Марковиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис” (ИДСЦС), кој ги образложи темите, целта и подготовката на публикацијата.

„Драго ми е што УНДП го предводи процесот за одбележувањето на 60 години од земјотресот во Скопје со серија настани како овој денеска, со Претседателот на државата. Она што нè дефинира како цивилизација во клучни моменти, кога го даваме најдоброто од нас е солидарноста. Скопје, градот на солидарноста го знае тоа најдобро. Во публикацијата што ја презентираме денеска изработена од активисти, експерти, студенти, професори и млади луѓе, не само што се нагласува важноста на солидарноста од повеќе аспекти, туку и се отвора една визија за иднината, како да се продолжи напред”, изјави Марина Валтер, заменичка на регионалната директорка на УНДП.

Во рамки на настанот, на авторите на публикацијата им беа врачени благодарници од страна на Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во земјава.

 

Треба да знаете
Последни објави