Влијанието на технологијата врз безбедноста, потребата да се задржи технолошката предност и постигнувањето на целосна технолошка интероперабилност беа темите на кои се осврна министерката за одбрана, Славјанка Петровска на отворањето на 51-та панел средба посветена на технологијата на информациските системи, организирана од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”.
Министерката Петровска порача дека евроатлантската област се соочува со предизвици во доменот на новите технологии и дигиталната трансформација.
„Со развојот на новите технологии ние можеме да изнајдеме решенија за различни проблеми и предизвици, од загадувањето на воздухот и климатските промени, до предизвиците во сајбер-просторот. Но, онака како што овие технологии го обликуваат начинот на кој комуницираме и ја зголемуваат нашата ефикасност, така тие нè прават и поранливи. Нашата зависност од технологијата побарува изградба на функционален, одржлив и отпорен технолошки одбранбен систем”, рече министерката.
Во тој контекст, министерката истакна дека клучни во развојот и одржувањето на технолошката предност се единството, солидарноста и кохезијата помеѓу сојузниците, зашто нашата заедничка цел е развој на технолошката интероперабилност.
„Форумите како денешниот каде разменуваме знаења, најдобри практики и експертиза се витални за технолошкиот развој во Алијансата. Мораме да останеме обединети и да си помогнеме меѓусебно на ова поле”, рече Петровска.
Панелот посветен на технологијата на информациските системи е дел од активностите на Организацијата за наука и технологија на НАТО, а учесници се 60 претставници од сојузничките земји.