Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, ја посетија компанијата „ЕКО – ГРУП” во Кавадарци која се занимава со преработка и конзервирање на овошје и зеленчук, вегански и сертифицирани органски производи според регулативата на ЕУ.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека се работи за релативно млада компанија која своите почетоци ги има во 2017 година, но која преку нејзиниот паметен-бизнис пристап и усвојувањето на најсовремените деловни практики успева да ги освои меѓународните пазари.
„Се радувам на вакви убави бизнис приказни кои претставуваат инспирација и мотив за сите жени претприемачки во нашата земја. Компанијата се занимава со преработка и конзервирање на овошје и зеленчук, вегански и сертифицирани органски производи според регулативата на ЕУ, со високо ниво на додадена вредност со палета од над 70 уникатни органски производи. Токму затоа производите на „ЕКО ГРУП ОЦП” денес можат да се најдат на пазарите во Бугарија, Црна Гора, Хрватска и Швајцарија”, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека суровините кои ги користи оваа компанија во поголем дел се од македонско потекло, со што обезбедува поддршка и за домашните производители што пак доведува до поголеми можности за работа, зголемен приход и постабилна економска средина.
„Компанијата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите во 2021 година започна петгодишен инвестициски циклус во делот на поддршка за пораст на Капитални инвестиции и приходи и поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот.
Пазарот на органска храна рапидно се шири во последните години и се очекува да продолжи да расте во наредните години. Инвестирањето во органски прехранбени производи може да обезбеди можност за инвеститорите да имаат корист од овој тренд, и секако, за нашите граѓани нови можности за вработување”, изјави вицепремиерот Битиќи, и додаде дека преку понатамошно развивање на производството и преработка на здрави, еколошки и чисти конзервни производи од овошје и зеленчук, компанијата ќе даде позитивен импулс на локалниот економски развој, што за граѓаните на Кавадарци ќе значи креирање на нови работни места, повисоки плати и повисок животен стандард.
„Ова пак за нашата држава значи поттикнување и унапредување на рамномерниот регионален развој, кој ќе одговара на потребите на граѓаните независно од место каде што живеат. Воедно, уште еднаш како Влада покажавме на дело дека сме посветени и истрајни во нашата намера на транспарентен начин да ги поддржуваме домашните компании во нивните напори за унапредување на производството, конкурентноста и отворањето на нови работни места”, изјави вицепремиерот Битиќи.
Директорката Лукаревска изјави дека и претставува задоволство што заедно со вицепремиерот Битиќи ја посети „ЕКО-ГРУП”, компанија која е дисциплиниран даночен обврзник која со својот труд и вложување успеа од мала семејна компанија да се развие во препознатлив успешен бренд не само во земјава туку и надвор од неа.
„Преку ваквите посети се доближуваме до нашите даночни обврзници кои ги почитуваат законите и допринесуваат за развој на домашното производство и овозможуваат полнење на буџетот. Така ќе продолжиме и во иднина со посети и давање шанси и промоции на вакви компании кои се одликуваат со посебни резултати”, изјави Лукаревска.
Сопственичката на „ЕКО-ГРУП” Аница Андреева, изрази благодарност до Владата за финансиската помош која на компанијата и значи многу.
„Помошта ни значи многу за инвестирање во нови технологии, и без оваа помош тешко би функционирале, како сега така и во иднина”, изјави Андреева.