Европската комисија ѝ се закани на Австрија со правна постапка поради нејзините продолжени шенгенски гранични контроли и започна формална процедура за консултации со сите инволвирани земји-членки на ЕУ, пренесува „Еурактив“.
„Спорот околу привремените гранични контроли на внатрешните граници ескалира со тоа што ЕК ќе започне формална процедура за консултации со сите засегнати членки, вклучително и Австрија,“ се вели во извештајот за Шенген зоната без гранична контрола објавен во вторникот.
Ако ова не доведе до јасна заложба за промена, се вели дека Европската комисија е подготвена да преземе правни мерки, објави АПА.
Во безвизната Шенген зона нема постојани проверки на лицата на границите, но. во текот на бегалската криза во 2015 година, неколку земји – меѓу кои и Австрија – воведоа привремени контроли што треба да се продолжуваат на секои шест месеци.
Австрија инсистира на одржување на контролата на словенечката граница поради тековниот „миграциски притисок“, најавувајќи во април дека ќе поднесе барање до Европската комисија за продолжување на граничните контроли за уште шест месеци за „да се крене азилантската кочница и да се спречи злоупотребата на азилот“.
Словенија веќе ѝ се закани на Австрија со ресипроцитетни мерки и со воведување гранични контроли. Амбасадорот Александар Гержина се пожали дека австриските гранични контроли сега се продолжени по 17-ти пат.
„Словенија не може повеќе да го толерира ова“, изјави Гержина за „Тиролер тагесцајтунг“.
АПА го пренесе соопштението од ЕК во кое се посочува дека „повторното воведување на граничните контроли мора да остане исклучок, строго временски ограничен и последна опција“, повикувајќи на постепено укинување на контролите и нивна замена со алтернативни мерки на полициска соработка.
Висок функционер на Европската комисија го истакна истото барање кон крајот на април, додавајќи дека миграциската статистика на австриската влада не ја одразува реалноста.
Сепак, Европскиот суд на правдата веќе донесе одлука за гранични контроли. Во април 2022 година, судот одлучи дека една земја-членка на ЕУ може да воведе гранични контроли во Шенген зоната најмногу шест месеци во случај на сериозна закана за нејзиниот јавен ред или внатрешна безбедност.
„Потоа мора да постои доказ за нова сериозна закана. Се чини дека Австрија не го докажала тоа од 2017 година,“ се наведува во одлуката.
Во исто време, Европската комисија ги повика земјите на ЕУ да ја прошират Шенген зоната за да ги вклучат Бугарија и Романија откако Австрија и Холандија минатата година го блокираа приемот на овие две земји.
Покрај тоа, австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер во април го отфрли барањето на Романија за временска рамка за тоа кога земјата ќе го укине своето вето.