Италијанскиот извоз во Кина необјасниво расте

Италијанскиот извоз во Кина се зголемил за три пати во текот на изминатата година, при што испораките само во февруари се зголемиле за 131% на годишно ниво, без очигледна причина за скокот, пишува „Блумберг“.

„Испораките на италијански стоки во Кина во февруари се искачија над 3 милијарди евра, значително повеќе од извозот во вредност од приближно една милијарда евра минатиот февруари,“ пишува американскиот медиум.

Податоците обезбедени од „Блумберг“ покажуваат дека најголем дел од извозот биле фармацевтски производи во многу специфичниот сегмент на „лекови што се состојат од мешани или немешани производи за терапевтска или профилактична употреба, ставени во измерени дози“.

Речиси две третини од кинескиот увоз во февруари се состоел од стоки од овој сегмент, чија вредност била 1,84 милијарди евра, во споредба со само 98,5 милиони евра една година претходно.

Во италијанските медиуми се појавија шпекулации дека порастот може да биде должи на побарувачката од кинеските потрошувачи за еден италијански генерички лек за црниот дроб што содржи урсодеоксихолна киселина (УДЦА) за која се шпекулира дека спречува Ковид.

„По ненадејното напуштање на Кина на својата политика за нула-Ковид, можно е вирусот неконтролирано да се шири низ земјата, што може да е една од причините за скокот на увозот на лекови,“ сугерира „Блумберг“.

Директорот на „Еуроазија груп“, Петер Черети, смета дека растот се должи на побарувачката за лекови од Кина.

„Поголемите италијански фармацевтски производители испорачуваат колку што можат повеќе производи од италијанско производство. А некои можеби испорачуваат германски и други лекови произведени од Европската Унија во Италија за реекспорт и во Кина,“ објаснува Черети.

Сепак, италијанската „Индустрија кимика италијана“, најголемиот светски производител на УДЦА, има годишна продажба од околу 300 милиони евра, што е далеку под вкупниот кинески увоз, вели „Блумберг“.

Осве тоа, податоците за увозот на Кина не укажуваат дека овие фармацевтски производи биле масовно испорачани, се наведува во статијата.

Она што додава доза мистерија на италијанскиот извозен бум во Кина е фактот што тој доаѓа во време на заладување на односите меѓу Рим и Пекинг.

„Фајненшл тајмс“ минатата недела објави дека е можно Италија да го напушти пекиншкиот инфраструктурен и инвестициски проект „Појас и пат“. Италија во 2019 година стана единствената земја од Г-7 што го потпиша договорот, поттикнувајќи остри критики од Вашингтон и од Брисел.

Треба да знаете
Последни објави