“Македонска филхармонија концепциски е замислена како објект кој опфаќа повеќе типови на музика, значи голема симфониска дворана со околу 1.000 седишта, наменета за класична музика и мала концертна дворана до 300 седишта за експериментални типови на музика, етно, џез, техно.” Вака во 2007 година во екот на кич урбана инвазија на градот или популарно наречена “Скопје 2014”, објектот на Mакедонската филхармонијата во градба, го опиша авторот на ова идејното решение, архитетот Виктор Михајлов, инаку внук на Ванчо Михајлов.
Објектот што во тоа време беше редок пример на современа архитектура и некаква авангардност во низата барокни зданија и фасади од стиропор, 15 години подоцна станува пример на сѐ, само не на авангардност. За волја на вистината и она што денес го гледаме од вработените во Филхармонијата, е далеку од концептот за кој се декларираше во 2007 година и самиот Михајлов.
Во изминативе неколку недели отворена е дебатата за тоа дали новоформираниот Џез оркестар треба да биде сместен во просториите на Македонската Филхармонија. Нешто што инаку е тешко замисливо дека треба да биде воопшто тема на дискусија и револт на каков сме сведоци. И самата Филхармонија до пред десетина години беше сместена и со децении функционираше заедно со оркестарот на АРМ. Никој не ги избрка, никој не ги потцени, никој не ги омаловажи. Едноставно нивните колеги чекаа стрпливо додека се градеше зградата на Филхармонијата. Оттука јавноста е помалку збунува на што се должи толкавото противење.
Зградата која го чинеше народот 40 милиони евра како дел од контраверзниот проект “Скопје 2014” ги натера вработените да се оддалечат од творештвото и да протестираат со жолти ленти што од многумина беше искоментирано како недоличен однос кон жртвите на фашизмот или кон жртвите на руската агресија во Керсон, сеедно.
И да се вратиме повторно на тоа чија е Македонската филхармонија и кој има право на неа. Тоа во крајна линија не се ниту нејзините вработени, ниту членовите на џез оркестарот, ниту пак членови на било кој друг оркестар. Македонската Филхармонија е на граѓаните. Не заради тоа што за неа платија 40 милиони евра, туку затоа што уметноста и музиката се пред сѐ наменети за нив. Граѓаните кои сакаат добра музика, без оглед дали е тоа класична музика, џез, блуз, етно, поп музика…
Објанувањата на вработените во Филхармонијата дека просторот е мал и несоодветен за повеќе оркестри, се чинат недоволно издржани. И самиот проектант на објектот на Филхармонијата во описот на проектот во 2007 година, предвидел дека истата ќе се користи за неколку различни типови на оркестри. Михајлов кој зад себе освен искуството со зградата на Филхармонијата ја има и недовршената зграда на Турскиот театар, што никако да се догради, во неколку наврати застана во одбрана на “функционалноста и уметничката вредност” на “Проектот Скопје 2014”. Двете ставки кои последниве десетина години се оспоруваат од стручната и критичка јавност не само во земјава туки и надвор од нејзините граници. Функционалноста на Македононската филхармонија еве сега се доведе во прашање за прв пат. Истата таа е функционална пример за собир на Сојузот на Жени на ВМРО ДПМНЕ, а не е функционална за “Златно славејче” кое е симбол на Скопје исто колку и Македонската филхармонија. Двете сали (малата и големата) се доволни за само еден оркестар, а премалку за два.
Ако се навратиме на можноста за функционирање на два и повеќе оркестри под ист кров, само во Европа има повеќе од еден пример каде на исто место се сместени неколку оркестри. Во Париската филхармонија се вдомени: Филхармонискиот оркестар на Париз, Ensemble intercontemporain, Les Arts Florissants,Orchestre de chambre de Paris, Orchestre national d’Île-de-France и неколку хорови… Во Бугарската филхармонија има два ансамбла: Националниот филхармониски оркестар и Националниот филхармониски хор. Во Хрватската филхармонија има три ансамбли: Хрватската филхармонија, Хрватската камерна филхармонија, Ансамблот Quodliobet. Во Словенија: Словенечкиот филхармониски оркестар, Словенечкиот филхармониски хор. Во Словачката филхармонија: Словачкиот филхармониски оркестар, Словачкиот камерен оркестар и Словачкиот филхармониски хор. Во Тирана, Албанија Албанската Филхармонија е сместена во зградата на Националната опера и балет. Во истиот објект се уште и: Националниот хор, Балетот, Солоистичката лирска трупа и Ансамблот за народни песни и танци. Веројатно таму уметноноста и музиката не се екслузивно наменети само на едни. Тие се на сите. Затоа што граници за уметноста не треба да постојат.
Во исчекување на дијалог и творештво наместо инает и протести, нашата редакција им посакува на првите дами на Министерството и на Филхармонијата што поскоро да се одважат и да најдат заедничко решение и со тоа да ја запрат штетата која секојдневно се прави врз повеќе дејности на уметноста засегнати со овој предизвик.