Поради барање на одбраната за изземање на двајца судии од Судечкиот совет, денешната јавна седница за случајот „Монструм“ во Врховниот суд се одложи. Според одбраната на обвинетите, претседателката на Судечкиот совет, Цветанка Периќ и судијата Сафет Кадриу, веќе одлучувале по предметот.
Во изјава за медиумите по јавната седница во Врховен, бранителите кажаа дека станува збор за законско барање кое, според нив, треба да го има судот по службена должност.
– Многу е важно дали имаат право да учествуваат судии кои веќе одлучувале по овој предмет, бидејќи тоа согласно Законот за кривична постапка не е дозволено, изјави адвокатот Насер Рауфи, бранител на обвинетите во случајот „Монструм.
Адвокатот Асмир Алиспахиќ, исто така, бранител на обвинетите, дополни дека станува збор за законито барање кое што и судот по службена должност треба да го има во таа насока.
– Двајца од петчлениот денешен совет учествувале во редовната жалбена постапка од страна на Апелациониот суд во Скопје кога одлучувал по предмет каде што сега правосилно е осуден Фајзи Азири, четвртообвинетиот во предметот под кодно име „Монструм“, но и тој предмет е изведен и како доказ целокупниот материјал во доказната постапка која што се водеше пред првостепениот и второстепениот суд и се користеа истите докази коишто се изведени, па оттука и нашето заедничко барање од страна на одбраната во делот на почитување на законските претпоставки коишто треба и Врховниот суд да ги почитува, како и страните во самата постапка, рече Алиспахиќ.
По ова барање, Судот со објаснување дека нема увид во предметот којшто се однесува на двајцата судии, реши да ја одложи седницата за 14 јуни со цел да изврши увид и донесе решение.
Жалбите на петмината обвинети во случајот „Монструм“ беа одбиени како неосновани од Апелација, а првостепената пресуда беше преиначена само по однос на засметувањето на мерката притвор што ја поминале обвинетите. Второстепениот суд ги потврди казните на осудените, односно доживотен затвор за Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. Со правосилната пресуда потврдена е и казната за Хаки Азири кој беше осуден на казна затвор од девет години, а Фејзи Азири на казна затвор од 15 години. Ослободителна пресуда доби единствено обвинетиот Сами Љута.
Петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година кај Смилковското Езеро, кога беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски. „Монструм“ имаше две судења, откако во 2017 година, Врховниот суд го врати случајот на почеток кај Специјалното јавно обвинителство. Обвинението го застапуваше обвинителката Фатиме Фетаи.