Во рамки на 28 седница на Советот на Општина Карпош која се одржа денеска во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, советниците расправаа и полноважно одлучуваа по 25 точки кои се најдоа на дневниот ред.
Со мнозинство гласови, советниците од Општина Карпош го поддржаа предлогот на градоначалникот Стевчо Јакимовски, според кој локалната самоуправа во знак на благодарност еднократно ќе им исплати по 10.000 денари на 11 здравствени работници од ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“. Станува збор за еден доктор, четири доктори специјалисти и шест медицински сестри кои беа ангажирани при извршување на офталмолошките прегледи на дечињата на возраст од пет до шест години, кои се запишуваа во прво одделение во општинските основни училишта.
Имено, поради недостаток на термини за офталмолошки прегледи во здравствениот систем, со цел да се помогне на родителите, Општина Карпош склучи Меморандум за соработка со Јавната здравствена установа „Здравствен дом Скопје“. Со Меморандумот беа овозможени офталмолошки прегледи, без обврска претходно да се закаже термин. Прегледите беа реализирани од 24 до 28 април од 14 до 18 часот попладне, како и на 29 април (сабота), од 8 наутро до 14 часот попладне, каде што медицинскиот персонал за краток временски период реализираше преку 428 прегледи, притоа работејќи и надвор од пропишаното работно време.
Во работна атмосфера беше презентиран и едногодишниот краток Акционен план за спроведување на мерки и активности, кои се дефинирани со Локалниот Еколошки Акционен План за 2023 година (ЛЕАП 2). Овој стратешки документ го изработи Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, кој е во согласност со Законот за локална самоуправа, при што се наведува дека една од надлежностите на општините е заштитата на животната средина и природата преку примена на низа мерки. Почитувајќи ги овие законски обврски преку веќе донесениот ЛЕАП 2, Општина Карпош ги идентификува клучните проблеми кои се поврзани со заштитата на животната средина, опфатени во тематските области: Воздух, отпад, почва, вода, бучава, енергетска ефикасност и климатски промени.
Притоа, анкетата којашто беше спроведена за сите тематски области, посочи 17 клучни проблеми кои се предмет на дејствување со акциските планови во шестгодишниот период на реализација на овој стратешки документ. За спроведување на предложените активности вкупно се предвидени финансиски средства во висина од 1.200.000 денари. Според стратегијата, подготовката на ЛЕАП 3 за периодот 2024-2029 година би чинел 50.000 денари, а изработката на Студија за фреквентност на собраќајот на територија на локалната самоуправа би изнесувала 100.000 денари. Реализацијата на проектот за поставување на т.н. „Зелен ѕид за прочистување на воздухот во ООУ „Петар Поп Арсов“ во населбата Карпош 4 исто така би чинела 100.000 денари, додека пак за набавка и поставување на мобилна компостара за потребите на основните училишта на територија на Карпош, локалната самоуправа би обезбедила 500.000 денари. За набавка на пет до шест електрични тротинети за потребите на вработените во општинската администрација би се издвоиле околу 250.000 денари, а за подигнување на јавната свест за потребата од примарна селекција и рециклирање преку иницирање на проекти со граѓански организации, би се издвоиле 200.000 денари.
Поттикнати од законските обврски, но во исто време и свесни за состојбите со животната средина како и желбата истата да се унапреди, Локалната самоуправа со овој акциски план го завршува спроведувањето на ЛЕАП-от 2019-2024 година. Општина Карпош во континуитет ќе продолжи со изработка и спроведување на новиот ЛЕАП 2024-2029 година, како план на мерки и активности за решавање на проблемите во животната средина и зачувување на постојните природни убавини и чистата животна средина во општината.
Советот ја изгласа и Предлог – Одлуката за наградување на професори-тренери и индивудуално прогласени ученици-спортисти во рамки на училишните спортски игри Карпош за 2023 година. Имено, со оваа одлука се утврдува доделување на 19 парични награди на професорите-тренери по физичко и здравствено образование, како и индивидуално прогласените ученици-спортисти за постигнатиот успех во училишните спортски игри Карпош 2023 година.
За професорите-тренери по физичко и здравствено образование, се доделуваат следните награди:
– За освоено прво место на училишната спортска екипа по 8.000 денари за три професори во фудбал, кошарка и одбојка;
– За освоено второ место на училишната спортска екипа по 6.000 денари за три професори во фудбал, кошарка и одбојка и
– За освоено трето место на училишната спортска екипа по 5.000 денари за три професори во фудбал, кошарка и одбојка.
Општина Карпош ќе се додели и парична награда во износ од по 6.000 денари зa десет основци, кои беа прогласените за најдобри ученици-спортисти во рамки на училишните игри на кои ги организираше локалната самоуправа.
Претставниците на Советот ги поддржаа Предлог-Одлуките за прифаќање на движни ствари, односно опрема за кабинетите по природни науки (хемија и биологија), кои Владата на РСМ, поточно Министерството за образование и наука им ги отстапи на трајно користење на десетте основни училишта кои функционираат на територија на Карпош. Станува збор за лабораториски маси за наставниците, елементи со мијалник, плакари за чување на хемикалии и опрема, како и маси и лабораториски столчиња за учениците.
Широка поддршка доби и предлогот за формирање на Комисија за утврдување на минимални критериуми, за распишување на Јавна набавка за замена на постоечките светилки со штедливи лед-светилки на територија на општина Карпош. Комисијата е составена од тројца претставници од општинската администрација и од петорица членови од сите советнички групи кои го сочинуваат Советот на Општина Карпош. Со цел, поголема транспарентност на целата постапка за спроведување на јавната набавка, градоначалникот Јакимовски ќе достави и барање до Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, за номинирање на претставник од оваа институција во својство на надворешно стручно лице во комисијата, коешто е експерт во областа на енергетиката.