„МОЖЕБИ СУМ ЛУД“ од холандскиот автор Мишел Строик на македонски

Ново копродукциско издание на Анкх и Макавеј

„Можеби сум луд“ е роман на современиот холандски автор Мишел Строинк кој како копродукциското издание на скопските издавачи Макавеј и Анкх деновиве излезе од печат на македонски. Романот од холандски го преведе Ели Пујовска, а преводот беше помогнат од холандскиот литературен фонд (Nederlands Letterenfonds). Холандската и пошироката европска книжевна рецепција што романот ја доживеа беше и мотивација за македонските издавачи да се зафатат со преведување на овој роман на македонски: Весникот „Фолкскрант“ (de Volkskrant) го нарече романот „Убаво деби“ и подвлече дека „Строинк работи со состојки за холандска верзија на “Лет над кукавичкото гнездо“. Весникот „Вива“ го нарече романот „Потресна приказна што долго се памети“ додека Дирк Копес од „De Pers“ го опиша  како „најголемиот книжевен дијамант оваа пролет“.


Преведувачката, Ели Пујовска, за романот коментира: „Проблемот што се провлекува низ приказната е процесот низ кој поминува протагонистот Бенџамин за да ги прифати и признае своите таканаречени постапки, иако самиот тој воопшто не е сигурен во нив. Тоа е неопходно за тој некогаш да биде ослободен. Сето тоа му е многу тешко, особено на почетокот бидејќи не може да верува дека е способен за такво нешто. На крајот излегува дека бил во право од самиот почеток, но мора да ја преболи сопствената гордост и да продолжи со животот.“


Главните мотиви на книгата се дрогата, алкохолот, живеењето со чувство на вина, форензичко- психијатриските клиники и регенерацијата. Дрогата и алкохол се важен мотив бидејќи тие се коренот на проблемот на Бенџамин; тој не се сеќава што се случило на таа забава и бидејќи има
толку многу докази против него, не може ниту да го оспори обвинувањето кон него. Тие исто така играат голема улога во неговиот живот пред да заврши на клиниката. Често користел наркотици. Тоа е и причина за неговата промена на личноста: станува сè поарогантен и се губи себеси.
Животот со чувство на вина е уште еден доминантен мотив: на почетокот од периодот во клиниката „Виножито“, Бенџамин не верува дека го направил тоа за кое е обвинет, но на крајот и тој е убеден дека е виновен. Од тој момент во него почнува да се буди чувството на вина која тој преку писмо им ја пренесува на своите „жртви“, продолжувајќи да живее со неа. Затоа живеењето со вина е исто така важен мотив во приказната. Тука е и психијатриската клиника како опкружување и мотив:
Бенџамин завршува во клиника поради болна шега на неговите пријатели, која го чинела четири и пол годишен престој во неа.

Книгата може да се купи во книжарниците на “Антолог”, „Или-или“,
„Полица“ и „Култура“, и онлајн кај kupikniga.mk.

Треба да знаете
Последни објави