Шведската армија регрутира војници, отвора бази и набавува современа опрема

По децении на намалување на бројот на војници, шведската армија регрутира војници, отвора бази и набавува современа опрема во време кога односите на регионот со Русија се замрзнуваат поради нападот врз Украина, објави бриселскиот портал „Политико“.

Вежбата „Аурора“ на островот Корсе, во која млади војници се обидоа да го заземат островот од колегите кои ја играат улогата на окупатори, го означи крајот на најголемата воена вежба одржана во Шведска од крајот на Студената војна. На самитот на НАТО во Литванија овој јули, Шведска се надева дека ќе ја финализира својата едногодишна апликација за членство како 32-ра членка, откако соседна Финска се приклучи на Алијансата во април.

„Ние не сакаме да влеземе во НАТО само заради наша заштита, ние исто така имаме многу да придонесеме“, рече премиерот Улф Кристерсон. Според него, Шведска може да помогне за безбедноста на другите, што е важен сигнал. И покрај реториката на Владата, воените трошоци на Шведска сè уште не ги исполнуваат насоките на НАТО дека трошоците за одбрана на една нација треба да бидат најмалку два отсто од нејзиниот БДП.

Во 2022 година, Стокхолм одвои 1,3 отсто од БДП на своите вооружени сили, што е најниско ниво од која било земја од Балтичкото Море, според безбедносниот тинк-тенк SIPRI со седиште во Стокхолм.

Владата наведува дека не очекува да ја достигне целта од два отсто до 2026 година.

Шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон изјави за „Политико“ дека намалувањето на вооружените сили на Шведска по крајот на Студената војна отишло предалеку и дека неговата земја сега е на вистинскиот пат.

„Законот за одбрана што го донесовме во 2020 година значеше значително зголемување на буџетот за сите служби, армијата, морнарицата и воздухопловните сили. Откако изби војната во Украина во февруари 2022 година, го зголемивме темпото“, нагласи Јонсон. 

Треба да знаете
Последни објави