Годинешната манифестација „Матурска парада“ ќе се одржи утре точно напладне, во 12 часот, на плоштадот Македонија во Скопје.
Оваа година учество на „Матурската парада“ ќе земат шест земји: Словенија, Србија, Словачка, Македонија, Црна Гора и Унгарија со педесетина градови.
Во Република Македонија ќе учествуваат матурантите од Скопје, Гевгелија, Охрид и Струга. Вкупната бројка на обучени матуранти во Скопје е 400, а во другите градови во Република Македонија речиси 1.500 матуранти.
Во Скопје годинава ќе учествуваат следните средни училишта:
Васил Антевски-Дрен, Владо Тасевски, Михајло Пупин, Раде Јовчевски-Корчагин, Здравко Цветковски, Димитар Влахов, Арсени Јовков, Браќа Миладиновци, Кочо Рацин, Шаип Јусуф, Георги Димитров, Панче Караѓозов, Јосип Броз Тито, МБУЦ Илија Николовски-Луј.
Организатор за Република Македонија: Дирекција за култура и уметност на Скопје во соработка со Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“. Покровител на манифестацијата е Град Скопје.
Во изминатите четиринаесет години учествувале матуранти од стотина града од Македонија, Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Албанија, Украина, Унгарија и од Австрија и вкупната бројка на учесници надминува 450.000 матуранти.
Покрај ова, во последните години составен дел на подготовките и на самата завршна манифестација е кажувањето на изјавата – заклетва за ненасилство од страна на учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува „Матурската парада“ и на тој начин не само што во исто време на иста музика во разни градови танцуваат младите, тие, генерациите што ќе го градат светот во иднина, туку во исто време од разни делови на светот ја испраќаат и пораката за ненасилство, мир и толеранција.