САД имаат обезбедено повеќе од една милијарда долари за Северна Македонија во изминатите 30 години, наменети за невоена помош, вклучително и за проекти и активности поврзани со медиумите. Повеќе од половина од таа милијарда била наменета за поддршка на владеење на правото и добро владеење, вклучително и за правосудството. Според нашите проценки, околу 80 проценти од обвинителите и судиите во оваа земја учествувале во една од нашите програми. Кога гледаме на тоа како инвестиција, тогаш повратот на таа инвестиција не е соодветен, порача во интервју за МИА, американската амбасадорка, Анџела П. Агелер.
Таа во интервјуто говори за писмото кое го испратила до извршните и судските органи, а кое предизвика превирања, па дури и смена на претседателот во Судскиот совет. Смета дека е мошне важно што тоа писмо било испратено до министерот за правда, како и до многу други во Владата, но и до странски амбасадори, бидејќи, како што рече, во Американската Амбасада има многу службеници, кои работат на прашања поврзани со правда.