Претседателот Стево Пендаровски нема да ги коментира обвинувањата што пристигнуваат од бугарските политичари дека токму тој е иницијатор на „црните списоци“ со Бугари на кои им е забранет влез во Македонија, кусо одговорија денеска од Кабинетот на шефот на државата на прашањето на „Слободен печат“ за коментар на тие обвинувања.
Реториката на Софија во врска со Македонија наново се вжешти откако на почетокот на месецот на европратеникот Андреј Ковачев не му беше дозволено да влезе во Македонија, па европратеникот Ангел Џамбаски неделава воопшто и не дојде како член на делегацијата на Мешовитиот комитет Македонија-ЕУ во Собранието, а се усвити откако премиерот Димитар Ковачевски завчера во Рејкјавик на самитот на Советот на Европа ја обвини Бугарија дека има многу сличен поглед кон нашата земја како Русија кон Украина.
Бугарскиот европратеник Ковачев утрово изјави дека претседателот Пендаровски е иницијатор на „црните списоци“ што станало јасно во јануари „на средба на Пендаровски со службите“. На тие списоци, како што рече, 99 отсто од лицата се Бугари, а имало и европратеници. Ковачев рече и дека ако кажеш дека Гоце Делчев се дефинирал како Бугарин, нема да можеш да влезеш во Македонија.