Почина Ферус Мустафов

Синоќа почина легендарниот македонски кларинетист и саксофонист, Ферус Мустафов.

Ферус имаше мозочен удар на 26 април и од тогаш беше во болницата „8 Септември“.

Мустафов е роден на 20 декември 1950 година во Штип во ромско семејство на музичари. Тој имаше богата кариера со голем број настапи низ целиот свет и остави големо музичко наследство.

Неговата професионална кариера започна на седумнаесетгодишна возраст, додека студирал виолина и кларинет во локална музичка академија.

По една година воена служба, за време на која тој ја воспоставил својата репутација играјќи на вечерни танци, тој се преселил во Сараево, Босна и Херцеговина, каде ја презел водечката улога во експлозијата на популарноста на народната музика што се случила таму во тоа време. Подоцна станал директор за музичко програмирање на ромски јазик за Радио Телевизија Скопје и се здобил со меѓународна публика преку изданијата на албумите на светските музички записи како што се Глобус Стил и Тропски. Настапувал во голем број земји во светот и снимил десетина албуми, главно со инструментални композиции.

Директорот на болницата „8 Септември“, Христијан Костов за „Макфакс“ вели дека лекарите дале се од себе за да му помогнат.

„Беше примен на 26 април со масивен мозочен удар. Беше во кома и беше ставен на респиратор веднаш по приемот. Се разбуди по една недела, му го тргнавме респираторот, му направивме трахеостома за да може да диши самостојно и да се храни на уста, но имаше и други коморбидитети кои ја комплицираа состојбата. Имаше висок шеќер, хроничен миокардит, проблеми со бубрезите, последната недела му правевме и дијализа. Последните денови повторно беше во кома. Лежеше на интензивна нега на неврологија. Сторивме се што можевме за да го кренеме, но ударот беше многу силен и направи многу оштетувања. Почина ноќеска, половина час по полноќ“, вели директорот Костов.

За смртта на кралот на ромската музика, како што и беше познат на јавноста, известија негови блиски. Мустафов е роден 1950 година во Штип, каде што, според најавите на семејството, ќе биде и погребан оти многупати им кажувал дека кога ќе дојде судниот ден сака да биде погребан во родниот град.

Треба да знаете
Последни објави