Македонската современа сликовница ќе биде во фокусот на конференцијата што Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“ ја организира денеска во Музејот на град Скопје.
Како што соопштуваат организаторите, конференцијата ќе биде составена од два панела, а е дел од програмата на петтото издание на фестивалот, што годинава се одржува под мотото „Свет со љубов“.
-Каде е позиционирана македонската современа сликовница денес? Кои се најголемите предизвици на илустраторите, кои на писателите, кои пак на издавачите? Ова се само дел од прашањата што ќе бидат начнати на конференцијата на која ќе дебатираат истакнати илустратори, професори, писатели, издавачи.
Првиот панел насловен „Од точка до илустрација“ ќе биде фокусиран на тоа какви визуелни приказни раскажуваме денес. На панелот ќе учествуваат илустраторот Димче Исаиловски, мултимедијалната уметница и деканка на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, Славица Јанешлиева, мултимедијалната уметница од Хрватска, Николина Манојловиќ Врачар, Софија Семенпеева, графички уметник. Модератор е проф. д-р Марија Ветероска од Факултетот за дизајн и мултимедија ФОН.
Вториот панел „Од буква до приказна“ ќе биде посветен на текстот во сликовниците, а учесниците ќе се осврнат на тоа како се создава приказна, како се пакува во финален продукт, кои се најголемите предизвици за издавачите. Организаторите како учесници на панелот ја најавуваат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, писателката Бистра Георгиева, Ника Гавровска, авторка и издавач „Гаврош“, Бојан Саздов од Издавачката куќа ТРИ и претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
Главен поддржувач на фестивалот „Литера“ е Министерството за култура.