Реалноста на нашиот континент, колевката на човековата цивилизација, се соочува со конвенционална војна, нешто што беше незамисливо пред нешто повеќе од една година. Токму оваа нова безбедносна реалност побарува сите ние, чинителите во безбедносната сфера, да бидеме јасни во осудата на воената агресија на една земја врз друга независна и суверена држава, да бидеме гласни во повикот да прекинат човечките страдања и потребата да надвладее разумот. Европа, слободна, безбедна и во мир е единствената солуција која е прифатлива и затоа сите ние, низ вакви или слични формати мораме да разговараме и отворено и транспарентно дека во 21-от век нема место за воени дејствија на стариот континент.
Ова го порача министерката за одбрана Славјанка Петровска на отворањето на пролетниот состанок на Гамингер иницијативата, што почнува денеска во Скопје во организација на Организацијата на резервни офицери.
Таа нагласи дека безбедносниот систем е комплексен и вклучува навистина широка лепеза на чинители, а резервните офицери се навистина важен и неодделив дел од овој систем.
– Министерството за одбрана отсекогаш било партнер и поддржувач на активностите на Организацијата на резервни офицери и ние сме горди што оваа Организација од 2017-тата година е и полноправна членка на средноевропската Иницијатива, која ги вмрежува офицерите во резерва од десетина европски земји. Таа е пример за модерно дејствување и промотор на евроатлантските вредности и современото разбирање за улогата во општеството. Токму фактот дека оваа Организација се развива и одблиску соработува со здруженијата на офицери во резерва од Европа е доказ за местото и улогата на ОРОРМ во македонското општество, рече Петровска.
На интензивната агенда на состанок во Скопје, пред Гамингер Иницијативата се исклучително важни прашања на кои ќе се разговара, а меѓу нив, додаде таа, е и потребата да ја зацврстиме колективната одбрана во Алијансата зашто безбедноста на секој еден граѓанин и секоја педа сојузничка територија е наш императив.
На свеченото отворање на ГИ 1 состанокот се обрати претседателот на ГИ, Филип Лео и членот на претседателството на ГИ, Џузепе Филипо Имбалзано, како и домаќинот на состанокот, претседателот на ОРОРСМ, Гоце Георгиев.
– Претставници со различни потекла, искуства и култури, а сепак обединети во нашата потрага по побезбеден свет, за време на овој состанок, имаме можност да се вклучиме во значајни дискусии, да ги споделиме најдобрите практики и да воспоставиме посилни врски на пријателство. Заедно, ќе истражуваме иновативни пристапи за справување со новите безбедносни предизвици, подобрување на интероперабилноста и промовирање на поголема соработка меѓу нашите сили. Додека тргнуваме на ова патување, да се потсетиме дека патот до мирот не е секогаш лесен, но живееме за да учиме … и учиме да живееме, вели Георгиев.
На пролетниот Гаминг 1 состанокот во Скопје, на кој присуствуваат 16 офицери од 10 земји членки на Иницијативата, ќе се расправа за новиот Статут на Гамингер иницијативата, која треба да прерасне од средноевропска во европска иницијатива на резервните офицери. Исто така, на состанокот ќе стане збор и за теми од областа на безбедноста во Европа и светот.
Во рамки на неколкудневната средба, учесниците на пролетниот состанок ќе бидат примени од претседателот Стево Пендаровски и ќе ги посетат Министерството за одбрана, Првата пешадиска бригада и Баталјонот на македонските специјални сили „Волци“.
Гамингер иницијативата (ГИ) е здружение на офицери во резерва од Северна Македонија, Германија, Швајцарија, Италија, Хрватска, Унгарија, Чешка, Словенија, Словачка и Полска. На предлог на раководствата на организациите на резервите офицери на Словенија и Италија, а на претходна покана од Гамингер иницијативата, ОРОРСМ официјално е членка на оваа средноевропска иницијатива од 24 септември 2017 година.
Претходниот состанок на Иницијативата се одржа во Швајцарија, а домаќин на следниот ќе биде Романија.
Организацијата на резервните офицери на Република Северна Македонија минатата година одбележа јубилеј 70 години од постоењето.