Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека пресретнала украинска диверзантска група која планирала терористички напад врз две нуклеарни централи во земјата пред 9 мај, кога Русите ја слават победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија, пренесуваат руските медиуми.
Во пресрет на Денот на победата, диверзантско-терористичката група на Надворешната разузнавачка служба на Украина се обидела да крене во воздух повеќе од 30 столба за пренос на електрична енергија на високонапонски далноводи од нуклеарните централи „Ленинград“ и „Калинин“, нуклеарна централа во регионот Твер, на 350км северозападно од Москва..
„Терористите успеаја да кренат во воздух една и да минираат четири далноводи на нуклеарната централа „Ленинград“ и подметнаа импровизирани експлозивни направи под седум електропреносни кули на нуклеарната централа Калинин“, се додава во соопштението
Според планот на украинските специјални служби, нападите врз руските нуклеарни централи требало да доведат до затворање на реакторите и нарушување на редовната работа на централите, велат од ФСБ, штто требало да предизвика сериозна економска штета и да го наруши имиџот на Русија.
ФСБ приведе двајца украински саботери, регрутирани од Киев, кои ги подготвувале нападите и за таа цел поминале специјална обука на територијата на Украина.
Приведени се и двајца нивни соучесници-руските државјани кои обезбедиле средства за комуникација и возила со лажни регистарски таблички. Уште еден саботер со двојно руско-украинско државјанство, за кој се верува дека е во Белгија, бил ставен на листата на барани лица.
Тројцата мажи, наводно, биле регрутирани од украинското разузнавање во септември минатата година и поминале обука во кампови во регионите Киев и Николаев во Украина. Тие илегално преминале во Русија во регионот Псков од Белорусија, во која влегле од Полска.
ФСБ открил и складишта подготвени од осомничените, во кои имало 36,5кг пластичен експлозив Ц-4, 61 електричен детонатор од странско производство, 38 електронски тајмери и два пиштола „макаров“ со муниција.
Украинските специјални служби планирале да шверцуваат експлозив за да ги разнесат далноводите од Полска во Литванија, потоа преку Белорусија до руската област Твер, соопшти ФСБ, додавајќи дека користеле товарна приколка со скриени делови за транспорт на оружје.