Работната група на Министерството за правда на вчерашната седница ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Предлогот ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи, односно после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египќански народ.
Како што информираше вчера претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска, одлуките биле изгласани едногласно.
– Состанокот заврши успешно, едногласно ги донесовме сите одлуки, имавме плодна дискусија, имаше презентација на едни, на други аргументи, но она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ, изјави Николовска.
Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ.
Таа соопшти дека има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број на народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитет на заедници.
-Тука е бројот 43, запазен е паритетот, со тоа што по 16 члена од редовите на пратениците во Собранието од редовите на Албанците и Македонците, по еден од редот на пратениците во преамбулата, со тоа што доколку некоја од заедниците нема пратеници, тогаш останува Народниот правобранител по консултации со релевантните претставници на тие заедници да предложи членови на Комитетот, рече Цаца Николовска.
Работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата и нејзината основаност и оправданост.
– Ова е наративниот текст. Јас ги прочитав измените и одредените членови во Уставот, меѓутоа амандманите после ќе треба да се припремат во текстот така како што треба да се презентираат пред Собранието. Сега да посакаме успешна работа и на Собранието, да ги прифатат овие да речам предлог-измени, за да може понатаму државата успешно да ја тера постапката во остварување на заедничката стратешка цел – влез во Европа, изјави Цаца Николовска.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера го повика премиерот Димитар Ковачевски да ги стави уставните измени на дневен ред во Собрание и доколку се покаже дека нема мнозинство да си поднесе оставка. Мицкоски повтори дека во овој парламентарен состав измени на Уставот ќе нема.