Актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи победа во вториот круг од претседателските избори што денеска се одржаа во Турција.
Според првите официјални резултати по пребројани 75 отсто од гласовите, Ердоган води со 53,41 отсто, а Киличдароглу има 46,59 отсто.
Рускиот претседател Владимир Путин испрати писмо до Ердоган во кое му ја честита победата. Во писмото упатено до Ердоган пишува:
„Почитуван господине Ердоган, драг пријателе,
Прифатете ги моите искрени честитки за вашиот реизбор за претседател.
Победата на изборите е природен резултат на вашата несебична работа на чело на Република Турција, јасен доказ за поддршката на турскиот народ за вашите напори за зајакнување на државниот суверенитет и водење независна надворешна политика.
Високо го ценам вашиот личен придонес за зајакнување на пријателските руско-турски односи и заемно корисна соработка во различни области. Би сакал да ја потврдам нашата подготвеност за продолжување на конструктивниот дијалог за актуелните теми од билатералната, регионалната и меѓународната агенда. Придаваме големо значење на доследно спроведување на планираните заеднички проекти, пред се изградбата на нуклеарната централа Аккују и создавање на гасен центар во Турција.
Од се срце ви посакувам нови успеси во ваквата одговорна дејност како шеф на државата, како и добро здравје и благосостојба.
Искрени честитки,
Владимир Путин“.
Честитки претходно упатија и унгарскиот премиер, Виктор Орбан, српскиот претседател, Александар Вучиќ, како и лидерите на Катар, Сомалија и Пакистан.