Реџеп Таип Ердоган е реизбран за претседател на Турција во вториот круг од изборите, објави претседателот на Врховната изборна комисија на Турција, пренесе новинската агенција Анадолија.
Претседателот на комисијата Ахмет Јенер ги објави резултатите од изборите, наведувајќи дека Ердоган е избран за нов претседател со 52,14 отсто од гласовите.
Ердоган доби 27.513.587 гласови или 52,14 отсто, според податоците објавени од страна на изборната комисија на земјата, победувајќи го противкандидатот Кемал Киличдароглу, кој имаше 25.260.109 гласови или 47,86 отсто.
Ердоган веќе ја прослави победата и им се обрати на поддржувачите од отворен автобус.
„Упатувам благодарност до секој поединец од нашиот народ кој со својот избор уште еднаш ни ја даде одговорноста за раководење со земјата во наредните пет години“, рече Ердоган.
Тој пееше песна за Истанбул пред илјадниците поддржувачи кои се собраа заедно да ја прослават победата.
Опонентот на турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, го призна поразот на изборите во Турција и кажа дека ќе продолжи да се бори за одбрана на правата на Турците.
„Битката продолжува“, рече Кемал Киличдароглу.
Меѓу првите светски лидери кои му ја честитаа победата на Ердоган беа рускиот претседател, Владимир Путин, унгарскиот премиер, Виктор Орбан и српскиот претседател, Александар Вучиќ.