Крим ќе го продава на аукција имотот на Зеленски, Порошенко и на Јацењук

Имотот што поранешниот украински претседател Петро Порошенко и поранешниот премиер Арсени Јацењук го поседуваат на Крим ќе биде продаден на аукција, изјави во понеделникот гувернерот на рускиот регион, Сергеј Аксјонов, пренесува РТ.

Гувернерот потврди дека на аукциска продажба ќе се најде и пентхаусот на актуелниот украински претседател Володимир Зеленски.

Аксјонов изјави дека властите осмислуваат правна рамка за мерката и нагласи дека таа ќе биде насочена кон имотите на сопствениците со „докажани деструктивни активности“ против руската држава.

„Што се однесува до лицитацијата, ќе има многу интересни понуди, вклучувајќи одморалишта и производствени компании“, изјави тој за „Русија 24“ не навлегувајќи во детали, но додаде дека ќе бидат продадени имотите „во сопственост на Јацењук, Порошенко и на други“.

Аксјонов истакна дека кримските власти решиле да ги стават имотите на аукција „не од инает, туку затоа што тоа е во интерес на Русија и Крим и нивната безбедност“.

Порошенко, кој беше избран за претседател на Украина со поддршка од Западот по државниот удар во Киев во 2014 година и беше на функција до 2019 година, е еден од најбогатите луѓе во Украина.

Во 2015 година – една година откако Крим гласаше за напуштање на Украина и приклучување кон Русија – локалните власти го национализираа бродоградилиштето Севастопол, кое беше дел од бродоградежното претпријатие на Порошенко.

Според кримските власти, Јацењук, кој работел во кабинетот на Порошенко, поседувал киносала во приморскиот град Јалта, а семејството на Зеленски поседувало луксузен стан во предградијата на истиот град. Двата имота беа национализирани минатата година.

Во 2022 година, украинскиот парламент, Врховната рада, донесе закон со кој се дозволува национализација на имотот во сопственост на Русија. Пратениците како образложение за законот ја наведоа воената операција на Русија во Украина.

Москва го осуди потегот нарекувајќи го кражба.

Треба да знаете
Последни објави