Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска на прес-конференција побара од Основното јавно обвинителство да го повлече, а од Кривичниот суд да го отфрли обвинението против новинарот Томислав Кежаровски.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски соопшти дека утрово ја разгледале одлуката на Врховниот суд за предметот на Кежаровски и едногласно одлучиле дека ЗНМ до крај ќе инсистира на правичност на Судот и Обвинителството во постапувањето по овој слоучај се додека Кежаровски не биде ослободен од обвинението.
-Изминатите неколку години ЗНМ континуирано даваше поддршка на Кежаровски и тој став принципиелно ќе го браниме се додека не биде задоволена правдата. Затоа бараме ОЈО да го повлече обвинението против колегата Кежаровски, кој беше неправедно обвинет, а потоа и осуден. Со еден ваков потег ОЈО ќе покаже дека конечно одлучува независно и непристрасно во интерес на правдата, рече Чадиковски.
Со оглед на тоа дека Врховниот суд го врати предметот на повторно одлучување, ЗНМ го повикува и Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинението и со тоа да покаже дека во државата слободата на говорот е загарантирана како основно човеково право.
Според Чадиковски, ова претставува одлична можност за ОЈО и Кривичниот суд да демонстрираат правичност и конечно,како што рече, да стават крај на еден долг и неправеден предмет што се води против новинарот и доскорешен заменик претседател на ЗНМ,Томислав Кежаровски.
Кежаровски беше обвинет за откривање идентитет на заштитен сведок, меѓутоа јавноста знае дека тој во своите написи не го откри идентитетот, а потоа во постапката се покажа дека заштитниот сведок бил лажен. Со ова, како што рече, Чадиковски е очигледно дека неговиот предмет беше монтиран со цел да биде згасната неговата критика.
Кежаровски изрази благодарност за досегашната поддршка што ја добивал од ЗНМ, од почнувањето на процесот па до денес.
-Со адвокатот Филип Медарски очекуваме во овој случај фер судење на кое ќе можеме докрај да ги истакнеме сите наши докази дека за тоа не го сторив делото за кое бев обвинет и осуден, посочи Кежаровски