Поддршка од ЕУ и од Обединетото Кралство за забрзување на македонската енергетска транзиција

Северна Македонија денеска, на МЕФ форумот 2023, уште еднаш доби потврда дека има поддршка од Еврпската унија во спроведувањето на енергетските реформи, како и дека ЕУ е нејзин сигурен партнер за забрзување на енергетската транзиција. Но, испорачани и беа и препораки – да обезбеди поголема вклученост на приватниот сектор и граѓаните во целиот овој процес и да обезбеди проекти со јасна методологија и критериуми преку кои ќе биде утврден приоритетот на инвестициите.

Како што рече заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјава Џулијан Васало, во март годинава Северна Македонија доби 72 милиона евра. Сепак е клучно, потенцира, сите држави од Западен Балкан да ги завршат реформите во енергетиката.

-Пораката е јасна, тука сме биле и ќе останеме за да обезбедиме поддршка во ситуација на криза. ЕУ е ваш сигурен партнер за забрзување на енергетската транзиција, но Владата треба да го забрза процесот на реформи и да обезбеди проекти со јасна методологија и критериуми во кои ќе биде утврден приоритетот на инвестициите, истакна Васало.

Зборувајќи за конкретни активности, тој потенцира дека во Кичево и Битола треба да се напушти користењето на јагленот, но истовремено треба, како што нагласи, да се обезбедат и извори на приход за оние кои работат во секторот.

Васало се осврна и на војната во Украина, напоменувајќи дека на изненадување на Русија, ЕУ е пообединета од кога и да било претходно и сега, во снабдувањето со ресурсите, зависи од сигурни партнери.  

-Војната во Украина нема да ги наруши нашите економии. Пред војната 45 отсто од гасот доаѓаше од Русија, денес таа бројка е 15 проценти. Пред војната 45 проценти од јагленот доаѓаше од Русија, сега таа цифра е нула. Ја зајакнавме солидарноста во ЕУ, рече заменик амбасадорот и потсети дека за Западен Балкан беше креиран посебен пакет од 500 милиони евра директна поддршка и уште толку за инвестиции со цел да им се помогнеме на овие земји да се справат со предизвиците.

Специјалниот претставник на премиерот на Обединетото Кралство за трговија со Западен Балкан, Мартин Викерс во обраќањето рече дека неговата земја е идеален партнер на патот на Северна Македонија кон т.н. обновлива иднина.

Викерс укажа и дека освен сонцето и ветерот, на располагање се и други видови обновливи извори како водородот, биогасот, нуклеарната и хидроенергијата.

-Западен Балкан е географски разновиден, но можете да бидете сигурни дека, без разлика на земјата, постојат бројни форми на обновлива енергија на располагање. Но, кога ја генерирате оваа енергија, треба да имате и капацитети да ја складирате. Слушнав многу позитивни вести од владите на Западен Балкан кога станува збор за обновливите извори на енергија. Бев охрабрен од тоа што ги слушнав амбициозните цели кои ќе играат значајна улога во справувањето со енергетските потреби на Европа. Со диверзификација на вашата комбинација на изворите на енергија и истражувањето на новите технологии, целите може да се претворат во реалност, истакна Викерс.  

Пред Васало и Викерс на форумот се обратија и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, американската амбасадорка Анџела Агелер и директорот за Западен Балкан на Фондацијата Отворено опшество Анди Добруши.

Фокусот на годинашниот МЕФ форум е зелената транзиција и енергетската отпорност. Форумот ќе се одржува и утре, за кога се најавени обраќања на претседателот Стево Пендаровски и поранешниот претседател на Хрватска Стипе Месиќ. 

Треба да знаете
Последни објави