Достоинството на филмските професионалци и нивната посветена работа, не смее да биде заложник на поединци кои сакајќи да ги прикријат своите злоупотреби и незаконско работење, се обидуваат да фрлат дамка врз целата фела.
Друштвото на филмските работници како најстаро и единствено релевантно струково здружение во РСМ од областа на филмот остро реагира во врска со изнесените инсинуации во јавноста за наводно незаконско работење на Здружението. ДФРМ сака да ја извести јавноста дека ги отфрла сите тенденциозни и некоректни написи изнесени во некои медиуми и на социјалните мрежи, кои имаат за цел да го нарушат угледот и реномето на Друштвото.
„Пласирањето на ваквите информации има за цел да го компромитира нашето членство и нашата дејност. Се сомневаме и во селективното постапување на некои од институциите чија законска и морална обврска е да утврдат незаконитост во работењето, независно од „авторитетот“ кој го ужива некоја продукција во јавноста“, реагираат од ДФРМ и потенцираат дека не биле утврдени неправилности во нивното работење.
„Во изминатиов период севкупната документација на ДФРМ беше дадена на увид на повеќе истражни тела, како секторот за управен и инспекциски надзор при Министерството за култура, Државната комисија за спречување на корупција, Управата за финансиска полиција. Во оваа комплетно транспарентна соработка во која севкупната документација беше на увид на споменатите институции, во ниту еден извештај не беше констатирано неправилно или незаконско работење“, нагласуваат од Друштвото.
ДФРМ не е државна институција, туку независно, самостојно, невладино, непартиско и непрофитно Здружение кое се грижи за остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци, како и за обезбедување на континуиран развој на филмска дејност.Раководните тела на ДФРМ се бираат на редовно годишно Собрание, а актуелното раководство беше реизбрано со апсолутно мнозинство гласови од членовите на минатогодишното изборно Собрание.
Загрижени поради можноста за селективни истраги, ДФРМ апелира до Управата за финансиската полиција, ДКСК и другите надлежни институции да постапуваат според принципите на правичност, еднаквост и транспарентност и да ги испитаат сите наоди изнесени во јавноста поврзани со работењето на продуцентската куќа „Банана филм“ и останатите за кои постојат какви било индиции за неправилност и незаконитост во работењето.
„Во културната јавност, веќе подолго време се објавуваат информации кои се базираат на основани докази за неправилности во процедурите при аплицирање, продуцирање и евалуација, односно отчет на оваа продукција. Се чини дека сите овие индиции за надлежните органи се јавна тајна, па затоа оправдано се сомневаме дека „Банана филм“ е ставена во повластена позиција и „недопирливост“ која оваа продукција ја уживала и во минатото. Нерегуларноста на постапките на оваа продукција неодамна беше констатирана и од службите во Агенцијата за филм на РСМ и инспекцијата на Министерството за култура, по што е проследена на натамошно постапување до надлежното Обвинителство и Управата за финансиска полиција“.
Во Друштвото се уверени дека токму овие постапки за конечно расчистување на неправилноста во работењето на „Банана филм“ се провокација за продукцијата да стане „извор“ на низа „анонимни“ претставки и пријави кон ДФРМ.
„Нападите од страна на поединци кои користат платен ПР ги отфрламе со индигнација и ја повикуваме јавноста да се информира непосредно и прецизно. Апелираме до институциите и ја охрабрувме јавноста да ги земе предвид сите основани докази, до конечно расчистување на случајот со „Банана филм“. Достоинството на филмските професионалци и нивната посветена работа, не смее да биде заложник на поединци кои сакајќи да ги прикријат своите злоупотреби и незаконско работење, се обидуваат да фрлат дамка врз фелата“, стои во реакцијата на ДФРМ.
Друштвото на филмски работници постои 73 години, а неговите основни заложби и цели се подобрување на условите за работа во филмот и аудио-визуелната сфера, подобрување на статусот на филмските работници и хармонизација на нашите закони со европската легислатива. Друштвото е дом на повеќе од 80 проценти од активните филмски работници и заедно со Друштвото на писатели и Друштвото на ликовни уметници е здружение на граѓани од највисоко културно значење.
ДФРМ членува во ралични значајни европски здруженија и асоцијации, меѓу кои и ФЕРА (Европска Федерација на Режисери), ЦЕПИ (Европска Асоцијација за Аудиовизуелна продукција), ИМАГО (Меѓународна Федерација на Кинематографери) и ја поседува лиценцата за избор на национален кандидат на наградата Оскар. Организатор е на манифестацијата „Златна рамка“, Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола и други манифестации.