Денеска (01.06.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за „Слободен печат” беше запрашан за борбата на МВР против недозволената трговија со наркотици, при што ги истакна резултатите од зголемените активности на МВР.
„Активностите на МВР се сериозно зголемени и откривачката дејност е зголемена. Ако порано, до 2017 година, откривачка дејност беше 10%, сега е 50-60%. Тоа се покажува низ статистиката, низ намалување на вкупниот број на кривични дела, односно намалување од 13.7%. Тоа покажува дека генерално, во делот на криминалитетот, имаме сериозна стабилизација и сериозно зголемен обем на активности кои придонесуваат кон зголемување на ефикасноста”, рече министерот Спасовски, споделувајќи статистика за активностите на МВР.
„ Од 1 јануари до 21 март 2023 откриени се 307 кривични дела во споредба со минатата година кога биле 297 кривични дела. Пријавени се вкупно 369 сторители и запленети 280 кг марихуана, 7 кг амфетамин, 3 кг кокаин, 2 кг хероин, големо количество разновидни таблети”, истакна Спасовски, додавајќи дека анализата покажува зголемување на заплени на амфетамин, кокаин и екстази.
Спасовски истакна дека Одделот за сузбивање на организиран криминал, како и Одделот за криминалистичката полиција при МВР секојдневно се насочени кон овие активности. Притоа, тој ги сподели статистичките податоци и за подрачјето на СВР Скопје.
„Во овој период извршени се претреси на 7 локации на територија на СВР Скопје, откриена е лабораторија за производство на амфетамин, запленети 20 кг марихуана, 6 кг амфетамин, кокаин, 3.000 таблети, 20 стебла марихуана, меѓутоа и неколку парчиња оружје, дигитални ваги и други средства кои се користеле при извршување на кривичните дела”, истакна Спасовски.
Потенцирајќи дека МВР пристапи кон уништување на најголемото количество дрога досега, Спасовски додаде дека има и спречени меѓународни транспорти и сузбивање на организирани криминални групи во делот на недозволената трговија со дрога.
„Минатата година во септември и во почетокот на оваа година уништивме 12 тони разновидна дрога. Ова е најголема количина на уништување и тој тренд ќе продолжи. Имаме добри достигнување и во организираните облици на овој вид криминал, организирани облици на 3 транспорти на марихуана, а сузбиени се 7 организирани криминални групи”, рече Спасовски.