Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави на 1 јуни дека Белград ќе направи се за да ја деескалира ситуацијата во Косово, Оваа информација е објавена на официјалниот профил на Вучиќ на социјалната платформа Инстаграм.
Во објавите на Инстаграм, се наведува дека тој имал низа средби на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија, меѓу кои и со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен и со премиерот на Холандија, Марк Руте. Тој посочи дека со нив разговарал за актуелните предизвици во Косово, регионот на Западен Балкан, европскиот пат на Србија, но и билатералните односи и зајакнувањето на политичкиот дијалог.
-Се согласивме дека треба што поскоро да се најде решение за актуелната криза за да се зачува мирот и стабилноста. Разговаравме за понатамошни чекори кои ќе придонесат за изнаоѓање решение за сегашната тешка и сериозна ситуација. Со надеж дека разумот ќе надвладее, за доброто на сите, напиша Вучиќ.
Лидерите на Европската унија, на самитот во Кишињев, Молдавија, треба да разговараат за ситуацијата во Косово на 1 јуни, како дел од меѓународните напори да се стави крај на кризата.