Некои земји користеле пари наменети за борба против климатските промени, за цели кои немаат многу врска со еколошките цели, покажува истрагата на „Ројтерс“.
Италија ги искористила парите за да му помогне на мал производител да отвори продавници за чоколадо и сладолед во Азија, САД го поддржале проширувањето на луксузен хотел на брегот на Хаити, Белгија финансирала љубовен филм во амазонската прашума, а Јапонија инвестирала пари во нова термоелектрана во Бангладеш и проширување на аеродромот во Египет.
Вкупната вредност на овие пет проекти е 2,43 милијарди евра, а споменатите четири земји ги сметаат за „климатски инвестиции“ кои треба да им помогнат на земјите во развој да ги намалат штетните емисии и да се прилагодат на растот на глобалната температура.
Значењето на овие инвестиции е сомнително, но споменатите земји не прекршиле никакви правила, бидејќи тие не постојат.
Секретаријатот на Обединетите нации за климатски промени за „Ројтерс“ вели дека земјите треба да одлучат дали да воведат заеднички стандарди.
Ова е „Дивиот запад на финансиите“, вели потсекретарот на филипинското Министерство за финансии, Марк Јовен, кој ја претставува својата земја во ОН за време на разговорите за климата.
„Во суштина се што се нарекува климатска инвестиција е климатска инвестиција“ – рече тој.
Многумина бараат појасни правила за тоа што е, а што не е инвестиција во екологијата и борбата против климатските промени, но решението се уште не е на повидок, наведува британската агенција.