Само неколку часа откако беше најавено дека во УЕФА се разгледува можноста да се делегира нов судија за финалето од фудбалската Лига на шампионите, од Нион пристига соопштение дека веќе одредениот Полјак, Шимон Марчињак сепак останува да ја одработи доделената престижна улога на финалниот меч меѓу Манчестер сити и Интер кој ќе се одигра на 10 јуни во Истанбул.
По написите во полските медиуми дека Марчињак бил на собир на ултра десничарска партија во земјата, УЕФА експресно отвори истрага. Но и Маерчињак регаираше брзо, јавно се извини, па УЕФА одлучи да не го менува.
-Сакам длабоко да се извинам за својата вмешаност во еден ваков настан. Доцна сфатив дека сум доведен во заблуда и не бев свесен за природата и поврзаноста на тој настан. Не знаев дека тој е поврзан со екстремно десничарско движење и претходно да знаев за што станува збор ќе ја одбиев поканата за присуство, се вели во изјавата на Марчињак.
Претходно полскиот судија на социјалните мрежи објави дека никогаш во својот живот не поддржувал ниту една политичка партија, организација или политичар поединечно.