„Отворен кабинет“ е новиот проект на Министерството за внатрешни работи, во рамки на утврдениот концепт „МВР за граѓаните“, кој ќе започне со реализација од денеска, од СВР Штип, а ќе биде со неделна динамика и ќе трае во наредните два месеца.
Како што наведуваат од МВР, ако имате прашање за министерот, идеја која сметате дека ќе ја подобри безбедноста, предлог за подобрување на севкупното работење на полицијата – а притоа досега не сте имале можност да ја презентирате во неговиот Кабинет во Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на министерот Спасовски на еден ден ќе дојде кај вас – во Секторот за внатрешни работи кој го покрива подрачјето каде што живеете.
Известување каде ќе се сели Кабинетот наредната недела, ќе има секој вторник, а на телефонскиот број 072 33 31 85 или на електронската адреса MVRJAVNOST@moi.gov.mk, може да се закаже термин за средба со министерот Спасовски, за потребите кои ги имаат.
-Да покажеме заеднички дека помина времето кога МВР беше затворена институција. Да докажеме уште еднаш дека полицијата е во служба на граѓаните и мислењето на секој граѓанин вреди, апелираат од МВР.