Детски културен центар – Карпош прославува 75 годишно постоење. Тоа е малата скопска палата на булеварот Илинден, каде од 1948 година , па се до средината на минатиот век е Пионерски Дом, а денес Детски културен центар – Карпош кој е реномирана градска институција. Здание полно со збиднувања, полно со доживувања, полно со детски желби, мечти, сонувања, здание полно со историја и позитивна енергија. Карпошовци до ден денес го исполнуваат аманетот на последниот потомок на семејството Драга, Али Драга кој вели: „ Да се чува куќата со љубов, дружба и слога, вредно да се работи и нови вредности во неа да се создаваат“ . И тоа трае до ден денес. Се создава, се твори и ќе се твори.
За време на своето постоење, Детскиот културен центар – Карпош зачува сè што е добро и го надополнува со современи креативни, модерни и интерактивни програми, секции и работилници кои ги следат социјалните појави и трендови, во согласност со интересите на децата и младите.
Детскиот културен центар – Карпош е центар на инспиративни моменти за децата од целиот град!!!
75 години расадник на таленти, 75 генерации деца,а денес имаме примери на неколку генерации. Многу карпошовци денес се познати актери, музичари, уметници…. Ретко кој од карпошовците не ја постигнал својата цел, не го остварил својот животен сон. Овој јубилеј го посветуваме на оние кои вредно работеле и дале свој голем придонес во развојот на ДКЦ – Карпош, некогашните вработени, денес пензионери, а и на сегашните вработени кои ги исполнуваат ветувањата и оставениот аманет, вели директорката на Детскиот културен центар – Карпош, д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.
Нека е честит 75 годишниот јубилеј!!!